Македонија со проверени сили во битка за СП 2022, ќе игра и Велковски

Фудбалската репрезентација на Македонија ќе има активности во месец март и стартува со квалификациите за Светското првенство (СП) кое се игра во 2022 година, а селекторот Игор Ангеловски нема да менува премногу и со проверени сили ќе тргне во битката за Мундијалот.

Три меча го чекаат нашиот национален тим пред крајот на март: против Романија и Германија како гости, како и против Лихтенштајн дома, а засега дуелите ќе се играат по планот, односно на терените на кои се предвидени и нема да има промени.
Ангеловски ќе ги има сите играчи на располагање, А-тимот нема да го зафатат ковид-протоколите со играчите од странство, а се следи и ситуацијата со стоперот Дарко Велковски, кој се повреди на мечот против Хајдук. Но, стоперот речиси сигурно ќе биде во комбинација за настап, затоа што повредата со која се здоби од сегашните проценки не е од сериозен карактер. Во тимот нема да има радикални промени, костурот ќе биде составен од играчи кои претходно го понесоа товарот во Лигата на нациите и квалификациите за ЕП, а можни се две до три новитети, но тоа ќе се утврди наскоро.
Списокот на А-тимот е предвидено да се објави следната седмица. Ангеловски првиот собир ќе го има на 21 март. Првиот натпревар од квалификациите за СП е против Романија на гости (25 март), па следи домашен дуел со Лихтенштајн (28 март), а прозорецот се затвора против фаворитот во групата Германија (31 март).

Останати вести