По цели 73 години од основањето, Македонската филхармонија конечно доби свој дом, а на 21 мај свечено беше пуштена во употреба концертната сала со ексклузивниот настап на Симон Трпчевски и еден од најдобрите диригенти во светот, Русинот Владимир Ашкенази. Трпчевски по повеќе од една деценија повторно настапи со Македонската филхармонија.
Новата зграда на Македонската филхармонија е огромно здание за чија изградба беа потрошени околу 37 милиони евра. Се протега на 12 илјади квадратни метри и содржи две концертни сали, од кои големата има капацитет за 1.000 гледачи и студио за снимање, а сцената е опремена со сите технички и визуелни потреби. Малата сала има капацитет за 310 гледачи, а ќе може да се користи повеќенаменски. Во малата сала 168 се фиксни седишта, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта.
Физичката локација на оваа комплексна сала го потенцира идеалниот триаголник со институциите од областа на музичко-сценската дејност во нашата држава кои се наоѓаат во непосредна близина на Македонската филхармонија, а тоа се Македонската опера и балет и Факултетот за музичка уметност.
