Две недели на македонската култура во Обединетите Арапски Емирати

Од 7 до 25 април Република Македонија е почесна земја-учесник во рамките на манифестацијата „Денови на културното наследство” во Шарџа, во Обединетите Арапски Емирати, каде што македонското културно наследство е презентирано со посебно македонско етно-село.

Манифестацијата започна со концертот на Ансамблот за народни игри и песни „Танец”, чиј настап беше поздравен со бурен аплауз и особен интерес од страна на присутните. Ансамблот „Танец”, кој повеќе од шест децении е симбол на македонскиот фолклор, традиција и култура, во рамките на овој фестивал, кој секоја вечер просечно има околу 11,000 посетители од сите емирати и пошироко, со поддршка од Министерството за култура, предвидено е да одржи уште неколку концерти преку кои ќе го презентира богатото македонско културно наследство.
Во посебно уреденото македонско етно-село занаетчиите од Занаетчиската комора на Македонија ги презентираат своите уникатни ракотворби. Исто така 9 врвни шефови на кујни, во рамките на „Вкусот на традицијата”, ги презентираат македонските традиционални јадења.
Учеството на Република Македонија на оваа манифестација беше договорено на средбата меѓу министерката за култура на Република Македонија Елизабета Канческа-Милевска, директорот на Институтот за културнонаследство на емиратот Шарџа, Абдулазиз ал Муссалам и амбасадорот на РМ во ОАЕ, Сашо Ташевски, која се одржа во декември минатата година.

Останати вести