Над шеесет наслови нa детски и едукативни изданија од Македонија беа промовирани на годинашниот Саем на книгата во Франкфурт. Едицијата „Бајки од Македонија”, составена од неколку народни приказни од Марко Цепенков и Танас Вражиновски преточени во модерни сликовници, најмногу го привлече интересот и на странските издавачи кои го посетија македонскиот штанд.
„Луѓето овде реагираат позитивно на нашите детски изданија, особено на бајките, што само го потврдува тоа дека имаме светски производ”, вели Билјана Црвенковска, уредник и автор на неколку детски романи и детски изданија во издавачката куќа “Арс Ламина”.
„Традиционалните приказни се повторно во тренд. Она што ги прави привлечни за публиката е модерната илустрација. Токму тоа е и светски тренд – модерен приказ на традиционална приказна. Едноставно „ги преоблекуваат класиците во ново руво. Ние го направивме токму тоа и резултатите сами доаѓаат”, вели Црвенковска.
Едицијата „Бајки од Македонија” составена од четири бајки е преведена на англиски и француски јазик, а се планира и превод на други странски јазици. Илустрациите за „Двата цара”, „Момчето што се скри во златното јаболко”, „Девојчето и дванаесетте месеци” и „Вејко Северко” ги изработи младата илустраторка Катерина Николовска.
“Бајки од Македонија” е преведена на англиски и француски јазик, а се планира и превод на други странски јазици.
На „Македонскиот ден” во Франкфурт беа промовирани авторите Влада Урошевиќ, Гоце Смилевски и Ненад Јолдевски, кои заедно со неколку македонски издавачки куќи говореа за своите искуства на темата: “Како македонските издавачи и автори да се пробијат на меѓународната книжевна сцена?”.
Беше промовиран и најобемниот и најмодерен “Голем германско-македонски речник” во 4 тома на авторите Нина Димитрова-Шмигер и Роланд Шмигер.