Божик е празник кога се слави раѓањето на Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на Новата ера. Евангелието го опишува настанот кога се родил Исус Христос.
Во Црквата овој празник почнува да се празнува при крајот на третиот век, затоа што дотогаш Црквата не му придавала многу значење на телесното раѓање. Многу поважно го сметала духовното раѓање, односно крштевањето и затоа овој празник се славел заедно со крштевањето на Господ Исус Христос и бил наречен Епифанија. Македонскиот народ со многу внимание и почит го празнува Божик, кој започнува да се слави со Бадник, денот пред Божик. Со него се поврзани многу обичаи и симболи. Рано наутро, за Бадник децата одат по куќи и пеат разни песни пред домаќините. Тие ги симболизираат ангелите, а пеењето по куќи значи дека веста за Христовото раѓање ќе се прошири насекаде. Децата ги симболизираат пастирите, а домот, каде што одат ја симболизира пештерата во која е роден Младенецот. Постои уште една симболика. Децата се Господ Исус Христос и затоа добиваат дарови, а домаќините се симбол на мудреците кои ги принеле даровите пред Младенецот. Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата. Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. За време на овој празник се пали и коледарски оган, кој е поврзан со обичајот наречен Коледица или Коледе.







