Македонскиот фестивал на храната 2018 – Празник за душата

По седми пат се одржа Македонскиот фестивал за храна во организација на МАСО (Македонско-Австралиската организација на Заедницата).

Посетителите имаа можност да уживаат во убавата храна, добрата македонска музика од ѕвездите од Македонија заедно со локалните уметници и традиционалните ора и песни во изведба на културно-уметничките друштва од Викторија, НЈВ и Јужна Австралија.
Годинашниот фестивал имаше разновиден избор на традиционална македонска храна, и слатко и солено за секого по нешто. Повеќе интересни учесници настапија преку денот, а традиционални сплетови на ора изведоа играорците од Викторија и НЈВ. Имаше и забава за децата: од рингишпил, цртање на лицата, забавни игри и фарма со животни.
Оваа година како изненадување беа настапите на група од заедниците на Индија, Русија и Италија кои ги покажаа своите игри и музика.
Програмата беше богата и разновидна да го задоволи сечиј вкус и започна со “Легато Бенд”, па се редеа настапите на пејачите од МЛ “Голден Војс”, КУД “Весели Македонки”, читање поезија од Гордана Димовски. Точно во 11 часот имаше свечено отворање на настанот со говори и интонирање на химните на Австралија и Македонија. Потоа во програмата следеа младите игрорци од КУД “Гоце Делчев” од Мелбурн, “Македонски Бисер” од Волонгонг, КУД “Илинден вестерн Сиднеј”. Се појави и ТВ ѕвездата Ива Игновска од “Јами мами”, КУД “Јане Сандански”, ориенталната танчерка Јасмина. Следеше “Душа Балкана” од Сиднеј со балкански сплет на игри. Настапи и специјалната гостинка Бела Пејџ Јошески, која го освои второто место на популарното музичко талент шоу „Војс Австралија” како и нашето најстаро играорно друштво во Австралија КУД “Светлост”. Ја проследивме и локалната добро позната пеачка Вера Шаческоска Трајкоска чиј забележителен настап беше бурно поздравена. Од НЈВ настапија и друштвото “Разиграна Македонка” како и КУД “Јане Сандански” со втората група. Интересен беше и настапот на гостите од руската заедница “Русици”. Повторно со песна беше расположена публиката и настапот на Димче Стојановски. Следеше рецитирањето на поеми на младите ученици од Викториското училиште за јазици. Следеа уште неколку настапи на играорците и по што дојде музичкиот дел со заедничка веселба на сите присутни и пеењето на Благојче Стојановски – Туше.
Финансиските средства кои се собраа на овој настан ќе се користат за хуманитарни цели и за македонските друштва кои земаа учество на фестивалот.

Останати вести