Новите македонски филмови “растураат“ по фестивалите

Сцена од филмот “Мојот брат Лазар“ (со актерот Дејан Лилиќ)

Новите македонски играни филмови одлично котираат на светските фестивали, констатира скопски “Дневник”. Според податоците на Агенцијата за филм на РМ, годинава најновите македонски долгометражни играни филмови имале 49 учества на филмски фестивали и добиле 15 награди. 

Филмовите „Мојот брат Лазар” на Светозар Ристовски и „Три дена во септември” на Даријан Пејовски, со самото појавување ги отворија вратите на најпознатите светски фестивали, вели Дарко Башески, директор на Агенцијата за филм.
– Филмовите имаа многу добар старт, ги отворија вратите на фестивалите. „Мојот брат Лазар” на Светозар Ристовски и „Три дена во септември” на Даријан Пејовски со самото појавување влегоа во официјална конкуренција на големи фестивали. „Мојот брат Лазар” учествуваше на фестивалот во Варшава, еден од фестивалите од А-класа, а филмот на Пејовски учествуваше во Монтреал, по што автоматски отиде на фестивалите во Чикаго и Kотбус, Германија – вели Башески за “Дневник”.
Македонската премиера на „Три дена во септември” е на 12 ноември, во рамките на официјалната селекција на годинашниот Фестивал на европски филм „Синедејс”.
Агенцијата за филм годинава поддржала 14 долгометражни играни филма, дел македонска продукција, а дел во копродукција со мнозински или малцински удел. Според податоците на Агенцијата, годинава играните филмови имале 49 учества на фестивали, а освоиле 15 награди.
Најмногу награди има добиено копродукцискиот филм „Татко” во режија на Висар Морина, кој, меѓу другото, учествуваше на Меѓународниот филмски фестивал во Kарлови Вари (Чешка), каде што доби две награди, на Минхенскиот филмски фестивал, каде што доби награди за најдобра режија, најдобро сценарио и за најдобар актер и почесна награда, и на Задарскиот филмски фестивал, каде што доби награда за најдобар актер.
Во минатите пет години, велат податоците на Башески, играните филмови финансирани од Агенцијата за филм на РМ оствариле 373 учества на фестивали и освоиле 75 награди.
Башески вели дека допрва ќе се зголемува учеството на македонските филмови на светските фестивали и ќе се видат вистинските резултати од новиот начин на работа и активноста на Агенцијата за филм. Од основањето на Филмскиот фонд, кој во 2014 година прерасна во Агенција за филм, во 2008 година, до август годинава оваа институција учествувала во финансирање на 66 играни филма, 59 документарци, 58 кратки и 19 анимирани филма или вкупно 202 филма.

Останати вести