Најголемиот иконостас во Македонската православна црква со импозантен број од 1,500 делови при црквата Успение на Пресвета Богородица во Сиднам, Мелбурн, од минатиов викенд е комплетиран заедно со иконите.
Овој иконостас е дело на копаничарите Мирко и Александар Лекоски, од Охрид. Заедно со уште 26 резбари, 2 зоографи, 3 столари, повеќе од две години го создаваа раскошниот длабокорез на “Успение на Пресвета Богородица” од Сиднам. Ликот и формата на новиот иконостас е вистинска реткост, бидејќи со ваква димензија не само што нема друг во Македонската црква, туку ваков не постои ниту во Руската црква. Димензиите се импозантни 25,5 метри должина со 6,5 метри височина. На него се изрезбани детали во три ката и на првиот се од Новиот и Стариот завет, на днего се апостолите и Тајната вечера, а на третиот кат се празничните икони.
Ова ќе биде вистинско славје на 5 март, кога ќе се одбележат 21 години напорна и успешна работа за изградба на оваа црква која започна во далечната 1995 година.
Вратата е ширум отворена за сите што сакаат да дојдат и да ја видат убавината и раскошот на резбата од познатата школа од Охрид, по која Македонија е позната во светот. Квалитетот на цртежите на иконите е круна на вештините на познатите мајстори што можат да се најдат само во манастири кои имаат традиција од стотици години.
Дознаваме дека од минатиов викенд на протереј ставрофор Ефтим Бетински во службите му се придружи и игуменот Гаврил Галев, кој после краткиот престој во Македонија во саботата наутро се врати во Австралија.

