Од јануари 2014 година, кога е објавен првиот Kонкурс за финансирање преводи на странски издавачи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици, Министерството за култура досега финансирало преводи и странски изданија на 99 дела на македонски писатели и поети објавени на 21 јазик. За поддршка на овие преводи досега се вложени $ 260 илјади.
Нови девет дела ќе бидат објавени од девет издавачи од пет земји на чешки, бугарски, руски, српски и италијански јазик. Според министерката за култура Елизабета Kанческа-Милевска, оваа мерка обезбедува „соодветен и достоинствен третман на нашите автори кај странските издавачки куќи, ефективна промоција на македонското творештво, но и на нашата држава во меѓународен контекст”.
Со најновиот конкурс, во Чешка ќе биде објавен романот „Резервен живот” на Лидија Димковска, кој преку овој конкурс е веќе преведен на српски, англиски и на италијански јазик. Три софиски издавачки куќи на бугарски ќе ги објават „Јазичен триптихон” од Славе Ѓорго Димоски, добитник на наградата „Ацо Шопов”, романот „Дваесет и првиот” од Томислав Османли и книгата „Kадифена покривка” од Оливера Николова, која е добитник на наградата „Стале Попов” за најдобра прозна книга за 2015 година. Во Москва на руски ќе биде објавен романот „Аквамарин” од Тања Урошевиќ, а три белградски издавачки куќи ќе ги објават српските преводи на Антологијата на младата македонска поезија „Лирски Додекамерон” на Владимир Мартиновски, романот „Зад аголот” на Томислав Османли и романот „Дали го сакате Дали” на Христо Петрески. Првата книга раскази на Силвија Митевска „Додека Данте спие”, пак, ќе биде објавена на италијански јазик.
Македонија на врвот по финансирани преводи
Според Нове Цветановски, претседател на стручната комисија за конкурсот, Македонија заедно со скандинавските земји е на врвот на земјите во Европа според висината на одобрените грантови за превод. Повисоки грантови, според Цветановски, давале само Европската Унија и мрежата за преводи „Традуки”.
– Овој прв бран на стотина прифатени пријави за превод ќе бидат добра реклама и добра иницијатива за нови преводи затоа што нивниот квалитет ќе повлече превод на нови македонски автори. Мислам дека сега многу широко се отворени вратите за македонската литература на меѓународната сцена и дека се поинтензивен ќе биде интересот на странските издавачи за македонските дела и автори – вели Цветановски.
Тој нагласи дека со оваа мерка досега е направен „голем извоз на квалитетни македонски производи, односно значаен излез на меѓународната сцена на квалитетни дела од македонските автори”.