Граѓаните на Загреб, како и македонските иселеници во главниот град на Хрватска, деновиве имаа можност да уживаат во изложбата на народните носии и ракотворби од Македонија.
Изложбата беше отворена по повод денот на Македонската култура, а се одржа во Хрватската куќа – „Мајкина приказна”. Во текот на изложбата посетителите имаа можност да се запознаат со старите македонски обичаи и песни, како и да ги разгледаат рачно везените народни носии и другите автохтони македонски производи.
– Ова е втора нивна презентација, всушност, промоција на Македонија со сопствените ракотворби, наследство, традиција и култура во Хрватската куќа. Има многу убави експонати. Рацете на Македонките ја симнале таа убавина од старите носии и ги претвориле во корисни предмети и денес. Значи може да видите убави покривки, чаршафи, фотографии… – рече Мина Петра Петричец, директор на Хрватската куќа.
Изложбата беше организирана од Советот на македонското национално малцинство во Загреб, во соработка со македонското културно друштво „Охридски бисер”. Посетителите можеа да видат различни експонати, од теписи до други традиционални македонски ракотворби.
– Македонците имаат неколку детали што се впечатливи и незаборавни и кои ќе се паметат. Многу убавина симнаа од своето знаме, а, главно, користат две бои – црвена и жолта – додава Петричец.
Изложбата носи еден допир на Македонија, а тоа е особено важно за оние што долго време не ја посетиле својата татковина.
– Ваква изложба многу ми значи. Јас живеам овде веќе многу години, но не одам толку често во Македонија, а работите што овде ги гледам ме враќаат во детството. Убавината е во различноста и тоа е големо богатство, бидејќи се што е исто со време станува досадно – вели познатата актерка Kостадинка Велковска.
(“Дневник”)
Околу 70 различни вида носии
Македонските народни носии имаат долга и богата традиција во македонското народно уметничко творештво на еден вреден народ, кој со векови ги создавал и пренесувал од генерација на генерација. Во декорот на рачно изработуваните носии се вградени различните културни влијанија од различни временски периоди, кои се мешале на овие простори. Овој долг процес низ историјата, како и сите други социјални и географски услови придонесоа за создавањето на народните носии богати по својата различност, колоритност, орнаментност, украсеност… Тие со сиот свој раскош и убавина претставуваат непроценлива културна вредност и ја презентираат материјалната, но и духовната култура на Македонија, на чија територија има околу 70 различни вида богато украсени носии.
