Македонските пејачи реагираат: Некогаш бевме ѕвезди, денес нема ништо од тоа

Нема повеќе домашни ѕвезди, нема делење автограми, децата не трчаат по пејачите кога ќе ги видат, едноставно не ги интересира нашата музика, се жалат нашите пејачи, некогашни ѕвезди. 

Доволно е да се вратиме само пет години наназад на нашата поп-естрада и да сфатиме дека денес, речис, не постои ништо од тоа што беше.
Нема повеќе ѕвезди, нема автограми, децата не трчаат по пејачите кога ќе ги видат, едноставно не ги интересира нашата музика. Идоли им се Бијонсе, Ријана, Мајли Сајрус, а не Владо Јаневски, Раде Врчаковски – Врчак, Калиопи или кој било друг од нашата естрада.
Минато е времето кога по дискотеките и по клубовите настапуваа наши изведувачи наместо гости од соседството.
Познатата пејачка Кристина Арнаудова за моменталната состојба на нашата естрада најмногу ги обвинува медиумите. Според неа, ситуацијата е таква затоа што медиумите не ги интересира нивната работа.
– За да бидеш доживеан како ѕвезда мораш да бидеш и промовиран така, нормално од страна на медиумите. Ако сме постојано пред очите на јавноста, во емисии, медиуми, топ-листи, тогаш децата и младите ќе не доживуваат како ѕвезди и ќе можат да создадат идоли, да најдат омилен пејач, да создадат слика за секој поединечно. Од почетокот на мојата кариера, пејачите почнаа да бидат доживувани како ѕвезди околу 2000 година, кога и јас ја почнав мојата соло-кариера. Дотогаш не постоеше таа фама околу нив. Наеднаш музиката беше насекаде, имаше милион емисии, топ-листи, весници, нашите лица беа насекаде. Некаде во 2003 година, мене ми се случи во една недела да бидам на пет насловни страници, и кога некој ќе погледене накај трафика, на сите весници кои беа изложени беше моето лице – вели Арнаудова.
Таа се присетува во времето кога пред нејзината зграда ја чекале деца да ѝ земат автограм или да се фотографираат со неа. Вели дека на концертите и настапите морале да имаат обезбедување со цел се создаде ред кај фановите.
– Сето тоа последниве шест години исчезна, заедно со целата летаргија која медиумите ја создадоа, заедно со почетокот на економската криза, со србизацијата на медиумскиот простор, со политизацијата на телевизиите… Можеби некогаш тоа време повторно ќе се врати, но како што сме заспани, не гледам светла точка наскоро – објаснува Кристина.
Познатиот композитор и пејач кој пред неколку години беше еден од најбараните изведувачи, смета дека мора да се прилагодиме на новите трендови.
– Многу причини би ги посочил како резултат на ова што сме денес, но времето секогаш носи промени, ние мораме да се прилагодиме ако сакаме сè уште да просперираме, децата стануваат сè поинтелигентни, имаат поголем избор а и да бидам искрен нашата естрада никогаш не била полоша, реално немаме што да понудиме. Ако по Бијонсе фатиш да слушаш и да гледаш македонска музика, ти мора да бидеш внимателен со фактот „колку пари толку музика” – смета Роберт.
И пејачката Елена Петреска се присетува на старото добро време. Таа вели дека причина за ваквата ситуација е непуштањето на македонска музика.
– Сега само доцна навечер кога се враќам од некој настап во автомобил на радио слушам македонски песни. Еве, на пример, ако одите во Грција, Турција или во која било земја, на радиостаниците се пушта локална музика и на некој начин знаеш дека си во таа земја и ја чувствуваш енергијата, духот и традицијата. Додека кај нас сигурно туристите се збунети, не знаат каде се – ни изјави Петреска.

(“Телеграф.мк”)

Останати вести