Македонските компании на берзата вредат ау$ 2.67 милијарди

Македонските компании кои котираат на Берзата вкупно вредат 1,881 милијарда евра ($ 2.67 милијарди), односно толку пари би зеле нивните сопственици доколку ги продале сите акции во последниот ден од минатата година. Во овие фирми влегуваат и котираните акции, но и акционерските друштва со посебни обврски за известување. Тоа е пораст за 12,5 % на пазарната капитализација на компаниите во однос на 2015 година.

Лани на Берзата бил реализиран вкупен промет од речиси 50 милиони евра, или прецизно 49,16 милиони евра, што е раст за 13,64 % во однос на истиот период претходната година.
Најмногу се тргувало со акциите на “Комерцијална банка” Скопје, потоа следува „Алкалоид”, па „Макпетрол”, “Стопанска банка” Скопје и НЛБ банка.
Она што може да се смета како неповолно е намалувањето на учеството на странските инвеститори во најзначајните котирани компании на Берзата, односно оние од индексот МБИ10. Од сите десет компании, лани дури во девет се намалило учеството на странските инвеститори, додека само во една компанија се случил пораст на учеството на странските инвеститори во нејзината главнина. Така, во Комерцијална банка лани учеството на странските инвеститори во главнината се намалило за 3,44 %, и изнесува 37,9 %. Во „Алкалоид”, пак, минатата година учеството на странските инвеститори во главнината се намалило за 0,38 %, а во „Гранит” за 1,29 %. Намалување на учеството во странските инвеститори лани е забележано и кај „Макпетрол”, за 1,79 %, како и во „Македонија турист”, Стопанска банка Битола, Стопанска банка Скопје, „Македонски телеком”, како и во НЛБ банка.
Зголемување на учеството на странските инвеститори има само во главнината на компанијата „Реплек”.

Останати вести