Продолжуваат поворките на македонското самонакажување

Со еднаков интензитет се одржуваат протестните собири на ГДОМ, кои сметаат дека се вистинските репрезенти на волјата на народот, наспроти “платениците на Сорос и на странските интереси“

Народот се подели на “соросоиди” и “вмрони”. Добро е што жестокоста во пресметките на социјалните мрежи не се отсликува и по улиците.

Таканаречената “Шарена револуција” минатата седмица организираше протести низ улиците на Скопје, Штип, Велес, Тетово, Битола, Струмица, Гевгелија, Делчево, Прилеп, Радовиш, Куманово, Крива Паланка, Облешево.
На протестите во Скопје им се приклучи и поранешниот ЕУ амбасадор, Ерван Фуере, кој истакна дека ги подржува граѓаните, дека ова е најдобар начин да се изрази нивната желба за враќање на демократијата и дека не е можно да има избори во јуни, зошто владејачката гарнитура сака да ги повтори старите начини на мамење.
На годишнината од објавувањето на “бомбата” за убиството на Мартин Нешковски протестите во Скопје завршија со истурање црвена боја на плоштадот “Македонија” и оставање траги од црвени дланки на плочникот. Со црвена боја беше обоена и водата во три фонтани во главниот град (двете под спомениците на Филип Втори – во Центар и во Автокоманда – и фонтаната во Влае).
Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) минатата седмица одржуваше народни собири во Битола, Охрид, Гевгелија, Градско, Радовиш, Крива Паланка, Кочани и Ресен на кои беа повторени барањата за одржување избори на 5 јуни како единствено решение за кризата во Македонија, стопирање на деструктивните сценарија и повлекување на одлуката за аболиција што ја донесе претседателот Ѓорге Иванов.
Протеститите се со цел да се искаже револт против наметната политичка криза во Македонија и против вандалското однесување на антивладините демонстрации. Поддржуваните на ГДОМ нагласија оти не сакаат повеќе да бидат заложници на деструктивната политика на Заев и порачаа дека до крај ќе се борат за името на државата, за македонскиот идентитет и за одржување на изборите.
Список на “обоени” обjекти
Според нецелосните податоци објавени во средствата за информирање, во речиси едномесечните граѓански протести досега е демолирана само Народната канцеларија на претседателот во Скопје а искршени беа прозорците на Министерство за правда. Следниот ден имаше каменување на полицијата која го спречи приодот до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, при што лесно беа повредени четворица припадници на МВР.
Од 16 април наваму нема инциденти со полицијата. Протестантите започнаа со фрлање боја и јајца врз објектите кои ги сметаат за симболи на актуелната власт: портата „Македонија”, Министерство за култура, Министерството за надворешни работи, зградата на ДИК (поранешна НИП “Нова Македонија”), објектот на Антикорупциска комисија, бараките на град Скопје, скулптура Прометеј во „Жена парк”, “Лавовите” на мостот Гоце Делчев, фасадата на Агенција за електронски комуникации, оградата на мостот “Слобода” во Скопје… Со боја се “нападнати” и фасадата на Основен суд Kуманово, фасадата на Основен суд Охрид и општина Охрид, фасадата на општина Битола и фасадата на Општина Прилеп.

Во Скопје спроти Собранието беше поставен нов споменик - машина за перење пари

На протестните маршеви во Скопје и во Битола на 7 мај антивладините протестанти им го честитаа Денот на полицијата на припадниците на МВР со делење цвеќиња (во Скопје ружи, во Битола каранфили)

“Шарените револуционери“ освен со “боени бомби“ се вооружија и со водени пушки од кои прскаат со разни бои

Останати вести