Претседателот на Обединетата Македонска Дијаспора, Методија А. Колоски и Кристина Димитриевски, која е глобален копретседавач на младинскиот огранок на ОМД, Генерација М, имаа средба со конгресменот Пол Мичел на која било разговарано за многу теми поврзани со Македонија, но и со теми за македонската дијаспора.
Конгресменот Пол Мичел е голем пријател на Македонија и на Македонскиот народ и секогаш дава безрезервна поддршка на Македонија во своите сфери на делување, истакна Колоски.
Всушност, конгресменот Мичел е тој кој е заслужен за влегувањето на текстот од ББС за Македонското малцинство во Грција, кое предизвика голема нервоза во Грција, во Конгресните записи и со тоа влезе во историјата на Конгресот. Од сега секој кој ќе ги истражува Македонија и Грција ќе дојде до овој запис за Македонското малцинство во Грција.
“Секогаш е прекрасно да се видат пријатели од Обединетата Македонска Дијаспора и да се дискутира придвижувањето на Македонија кон членството во НАТО и во Европската Унија. Како копретседавач на Конгресната група за Македонија и Македонските Американци, јас сум посветен на одржување и јакнење на позитивниот и заеднички корисниот однос помеѓу Соединетите Држави и Македонија.” напиша Пол Мичел на својот фејсбук профил.
