Рестриктивните мерки се потребни, меѓутоа се невозможни заради тоа што економијата и народот не може да издржи, вели микробиологот проф. д-р Никола Пановски.
Потенцира дека бројките на заболени во државата се должат на британскиот сој, кој полесно се шири, но и на опуштањето на народот. Помала доза од британскиот сој на вирусот, посочи тој, е потребна за да предизвика болест.
– Тоа е не само кај нас, туку и во светот кога бројките на заболени се намалуваат и народот се опушта. Почнаа собирања на граѓаните што може да доведе до ширење на вирусот. Ова зголемување на бројот на заболени, се надеваме дека ќе остане како благ бран. Мислам дека ќе трае најмалку еден месец и ќе се движи меѓу 500 и 700 заболени. Да се апелира автобусите, автомобилите, таксистите да возат со отворени прозорци бидејќи за стотина до петсто пати се намалува преносот ако наизменично отворите два прозорци во автомобил. Во работните колективи да се овозможи проветрување и се што може да се прави да се прави на отворено со дистанца и почитување на мерките, рече д-р Пановски.
Тој рече дека досегашните 110 илјади пријавени за вакцинација е минимална бројка.
– Ако остане оваа бројка, 20 отсто од вакцините ќе ги потрошиме, а за 80 отсто треба да бараме некој да ни ги купи. Мислам дека кога ќе се види дека во Србија се отвора економијата, кога ќе ги видат луѓето како седат по кафани, дека бројките се ниски и дека патуваат низ светот, тогаш мислам дека и кај нас ќе почнат да се пријавуваат за вакцинација. Факт е дека ги нема вакцините, а имавме ветувања. Добра страна е што во март, април и мај додека не стигнат вакцините и додека поминат три месеци да почнат да дејствуваат, е побрзо создавање колективен имунитет. Што се однесува до вакцините ние можевме да се „шлепаме” барем со Србија или со останатите земји од Балканот, да набавевме заедно, а не да останеме без вакцини. Имавме понуди и од Русија и од Кина, му веруваме на западот, а никој не е излажан како нас, заклучи микробиологот Пановски.