Малезискиот премиер на суд ќе докажува од каде му се 670-те милиони долари

Малезискиот премиер Наџиб Разак од Врховниот суд на Малезија доби налог до 1 октомври да ја подготви својата одбрана во врска со обвинувањата дека од државниот Фонд за развој на негова приватна сметка лани биле уплатени над 670 милиони долари. 

Аферата, што во јули ја обелодени влијателниот „Азијан Волстрит Џурнал”, добива и меѓународни размери, бидејки и во САД е објавено дека е покрената федерална истрага за перење на пари од страна на посинок на премиерот Наџиб и негови соработници.
Малезискиот премиер постојано демантира дека 670-те милиони долари на неговата сметка биле префрлени од домашниот Фонд за развој, туку тврди дека тие биле донација за политичка активност од пријатели од Средниот Исток.
За да ги замолчи домашните критичари, Наџиб Разак неколку дена по откривањето на аферата ги смени потпретседателот на Владата и државниот обвинител, а комисијата што требаше да го испита случајот издаде соопштение дека големите пари на сметката на премиерот не биле од Фондот за развој.

Останати вести