Малта и удри шлаканица на Грција со признавањето на Македонија под уставно име

Грчките медиуми истакнуваат дека Малта, неколку дена откако го презеде претседателството со ЕУ, ја призна Република Македонија под уставното име.

Република Македонија и Република Малта воспоставија дипломатски односи, што е резултатот од интензивната комуникација во текот на 2016 година на политичко и дипломатско ниво меѓу двете страни, соопшти деновиве македонското Министерство за надворешни работи.
“Ова е од исклучителна важност поради тоа што Република Малта и Република Кипар беа единствените две држави членки на Европската Унија со кои Република Македонија досега немаше воспоставено дипломатски односи, дури и по 26 години од независноста. Воедно, се работи и за земја членка која во моментов претседава со Европската унија”, стои во соопштението.
Чинот, се наведува, е проследен и со предлог за именување нерезидентен амбасадор и упатување на македонски дипломат во Ла Валета.
За грчките медиуми, „со ова грчкиот дипломатски фронт доби уште еден удар”. „Либерал.гр” наведува дека одлуката на Малта да ја призае нашата земја под уставното име била соопштена за време на неформалниот состанок на министри и државни секретари за европски прашања што се одржа на почетокот од неделава во Валета, на кој присуствувал и грчкиот заменик-министер за надворешни работи Јоргос Катругалос од кого „немало никаков одговор, дури ни симболичен”.
Во меѓувреме, Катругалос во Атина се сретна со амбасадорот на Малта во Грција Џозеф Кашиери во контекст на преседателството на Малта со Советот на ЕУ во првата половина од 2017 година, соопшти грчкото МНР.
„За време на средбата, беа потврдени одличните билатерални односи меѓу двете земји и беа разменети ставови за многу прашања во рамките на ЕУ, со посебен акцент на прашањето за миграцијата”, стои во соопштението.
„Малта го призна Скопје како ‘Македонија’ а Грција слави за … приближување на ставовите”, искоментираа некои локални информативни портали за соопштението на грчкото МНР.

Останати вести