На канадската поетеса, романсиерка, книжевна критичарка и активистка Маргарет Атвуд и беше врачен „Златниот венец”, најпрестижното признание на „Струшките вечери на поезијата” (СВП).
На меѓународниот поетски митинг „Мостови” доделени беа и наградите „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга” со што заврши 55. јубилејно издание на СВП.
Атвуд е 51. добитник на највисокото признание на фестивалот кое се состои од филигрански изработен лавров венец, а и го врачи претседателот на Управниот одбор на СВП Славе Ѓорго Димоски.
Изразувајќи огромна благодарност, Атвуд прочита стихови од нејзината стихозбирка „Вратата”, објавена во 2007 година.
На поетесата Руна Светликова од Белгија и беше врачено признанието „Мостови на Струга”, што УНЕСКО и СВП го доделуваат за најдобар поет-дебитант.
Покрај добитниците на наградите, на поетскиот митинг читаа и поети од разни страни на светот, а Струга деновиве по 55-ти пат беше светска престолнина на поезијата. Во Струга гостуваа 32 поети од 30 земји од сите континенти и дваесетина македонски.
„СВЕТЛИНАТА НА СВЕТА ГОРА” НА ИВАН ЏЕПАРОСКИ ДОБИТНИК НА „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ” ЗА 2016

Книгата „Светлината на Света Гора” од Иван Џепароски е годинашен добитник на наградата „Браќа Миладиновци” за најдобра поетска книга на македонски јазик напишана меѓу две фестивалски изданија на „Струшките вечери на поезијата”. Добитникот беше соопштен на денешната прес-конференција во Струга на која претседателката на жири-комисијата, Вера Чејковска, читајќи ја одлуката, нагласи дека наградената книга е посветена на верата, црквите и манастирите што ја означуваат.
Џепароски половина од средствата од наградата ќе ги донира за настраданите од поплавите во Скопско, а другата половина за изградба на конаците во Бигорскиот манастир.