Јапонци со црвени и бели волнени конци плетеа мартинки на собирот кој претходниот викенд го организираше македонската амбасада во Јапонија во Меѓународниот центар за уметност Токио (IAC).
Обичајот да се плетат мартинки и да се носат како украси во месецот кога пристигнува пролетта. Културните практики поврзани со 1 март станаа дел од светското културно наследство откако беа запишани на репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото. Бидејќи обичаите се практикуваат во повеќе земји, предметот го подготвија Македонија, Бугарија, Молдавија и Романија.
Промоцијата на ова културно наследство го организираа македонската амбасада во соработка со амбасадите на останатите три земји и Меѓународниот центар за уметност – Токио.
– Присутните можеа да ги проследат презентациите на дипломатските мисии, учествуваа во работилници за изработка на мартинки, се запознаа со промотивните штандови на четирите земји, слушаа традиционална музика и уживаа во органскиот чај и колачи од споменатите земји – рече Андријана Цветковиќ, македонската амбасадорка во Јапонија.
Обичајот со мартинките потекнува од антички времиња, а со него се поздравува и слави доаѓањето на пролетта. Главната практика се состои во подготовка, размена и носење на мартинка што се закачува на дрво или се става по камен при здогледувањето на првиот штрк, ластовичка или расцутено дрво. Во античките времиња носењето на мартинка се сметало дека дава симболична заштита од опасности како лошо време, како и дека обезбедувала безбеден премин од зима во пролет за поединци, групи и заедници.
Што се мартинките?
Можеби се сеќавате на мартинките како еден мал украс кој нашите родители, тетки или баби ни го закачувале на облеката или, пак, ни го врзувале на рака и сме го носеле од 1 март па сè до крајот на месецот, а по некои други верувања таа се става и на 14 март.
Мартинката претставува украс направен од волница во црвена и во бела боја. Тие се симболот на Баба Марта, во традиционалната митологија позната како предвесник на пролетта. Покрај Македонија, оваа традиција, исто така, се почитува и во соседна Бугарија (мартеница) и во Романија (мартисор).
Мартинката, односно црвената и белата боја, ја симболизира желбата за добро здравје и воедно ја предвестува пролетта. Во едно верување црвената боја ја симболизира крвта, а белата боја чистотата, во друга, животот и смртта, потоа доброто и злото, како и среќата и тагата во животот на еден човек.
Еден од обичаите вели дека мартинката се добива како подарок и дека таа никогаш не се купува за себе, туку се дава на своите најблиски и на пријателите.
Може да се носи закачена за гардеробата или, пак, врзана околу раката или вратот.

