Забранетата „Маруша“ се враќа во штипскиот театар?

„Најстариот драмски текст на македонски јазик, постар од ‘Печалбари’ и од ‘Бегалка’ заслужува нов живот”, вели Кирил Петров

Во интервју за „Утрински весник” деновиве познатата театарска критичарка Лилјана Мазова потсети и на „Маруша”, првата забранета театарска претстава во Македонија, настан од 1925 година.
„Маруша” доживеала премиера во штипското Повластено позориште, за ден потоа властите да ја забранат за натамошно прикажување. Во интервјуто таа меѓу другото вели: „Среќна сум што ќе се појави пред јавноста драмата ‘Маруша’ од 1925 година, која е и првата забранета претстава во Македонија. Ќе биде сосема различно издание за кое слух имаше само Музејот во Штип. За неа со децении разни скрибомани тврдат дека драмата ја нема, а јас ја добив пред деценија и повеќе, во ракопис, затоа што друго издание и нема”.
Зоран Чиктушев, директор на штипскиот музеј, вели дека тие би сакале текстот на „Маруша” – напишан од штипјанецот Васил Хаџикимов и Душан Будимировиќ, кој бил и режисер, кој дошол од Нови Сад и работел како професор во гимназијата, а во слободно време пишувал драмски текстови – да го имаат во своите витрини, меѓу другото како пишано културно штипско наследство.
„Во музејот ги имаме изложено партитурите на Славко Нетков, делата на Серѓеј Михајлов, песните на Ацо Шопов. Имаме многу документи кои се однесуваат на културата во Штип помеѓу двете светски војни. Во таа насока е и нашето барање до Министерството за култура за финансиска поддршка во однос на објавувањето на битовата драма ‘Маруша’. Прво, тоа е многу значајно за еден важен период од културното живеење на Штип и на Македонија, а со објавувањето и ставањето на текстот во музејските витрини ќе го подигнеме и нивото на презентативност и ексклузивност на тој дел од поставката”, вели Читкушев.

За Кирил Петров, активен проследувач на културниот живот на Штип, кој има напишани неколку драгоцени книги за театарскиот живот на градот под Исарот, убаво би било кога оваа битова драма, за која сонговите ги напишал штипјанецот Ристо Ѓорѓичков, оперски пејач, актер и диригент, би била објавена и одново поставена на сцената на Народниот театар во Штип.
„Можеби требаше да се направи напор ‘Маруша’ да ја имавме на репертоарот и минатата година, по повод 90-годишнината од нејзината премиера, но ако тоа е пропуштено, убаво би било во текот на оваа календарска година да ја имаме пред нас, без оглед на нејзината уметничка вредност. Во контекст на оваа нова идеја во штипските културни кругови, сакам да појаснам дека по премиерната изведба ‘Маруша’ била забранета од тогашната локална власт, а по ургенција на црквата која тогаш имала големо влијание врз вкупниот живот во градот. Црквата во тоа време била одговорна за ‘духовната состојба’ на народот. Владиката ја предупредил власта дека во претставата половина од актерите говорат и пеат на несрпски (македонски) јазик, на штипски дијалект и дека како таква не е погодна за јавно прикажување. ‘Маруша’ е најстариот драмски текст на македонски јазик, постар од ‘Печалбари’ и од ‘Бегалка’ и затоа заслужува нов живот во куќата наречена театар”, вели Петров.
Драматургот Трајче Кацаров, уметнички директор на Центарот за култура „Ацо Шопов”, во чии рамки е и штипскиот театар, смета дека поради историскиот контекст на „Маруша” претставата треба да се најде на театарската сцена во Штип, но… „Такви претстави се прават по повод значајни годишнини. Минатата година беше најпогодно време за такво нешто бидејќи ја бележевме 90-годишнината од организирано театарско живеење и 60 години од формирањето на штипскиот Народен театар. Но, таа можност се испушти. Mој став е дека треба да се чека на друга јубилејна година, најдобро би било претставата да се постави во 2020 година, на 95-годишнината од нејзината премиера и на 65-годишнината од формирањето на Народниот театар”, смета Кацаров.

(“Утрински весник”)

Останати вести