На 12 април се навршија шест години од петкратното убиство кај Смилковското Езеро, во близина на Скопје, каде беа убиени убиени беа четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и Борче Стевковски (45) од селото Црешево.
Масакрот се случи на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден.
За петкратното убиство беше отворен предмет по името „Монструм”, а по судскиот процес на доживотни затворски казни беа осудени: Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Ослободен поради недостиг на докази беше ослободен Рами Сејдии.
Но, случајот и понатаму продолжија да го следат контроверзи околу извршителите и нарачателите на масакрот.
Обвинетите се жалеа на доживотните пресуди пред Врховниот, а на јавната седница што се одржа на почетокот на октомври минатата година, јавната обвинителката Лилјана Спасоска побара судот да ги прифати жалбите и да ја укине првостепената и второстепената пресуда за петкратното убиство кај Смилковско Езеро.
Еден месец подоцна, Врховниот суд донесе одлука со која ги укина пресудите и го врати случајот на повторно судење, а на обвинетите Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири им ги укина притворите и им определи мерки на претпазливост.
За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.
На првото рочиште од повторениот судски процес, што се одржа на 12 февруари годинава, обвинителот Наум Пановски рече дека ЈО останува на првичниот обвинителен акт со кој обвинетите се товарат за тероризам. Судењето беше прекинато бидејќи во обвинителниот акт го немаше обвинението против Сами Љута.
Минатиот месец, како што и се очекуваше, случајот „Монструм” го презеде Специјалното јавно обвинителство.
Специјалната јавна обвинителка Катица Jанева рече дека очекува судскиот процес да продолжи во април во фаза во која бил прекинат и оти се подготвени да го презентираат предметот пред судот.
Премиерот Зоран Заев неколкупати изјави дека меѓу незаконски следените комуникации, што тој ги придаде на СЈО, има телефонски разговори и смс-пораки кои може да фрлат нова светлина за вистината за петкратното убиство.
На прашањата какви сознанија произлегуваат од разговорите, тој одговараше: „Нема јас да го толкувам тоа. Може тие докази нема да ги дадат сите одговори, но може ќе дадат огромен процент и расчистат многу облаци кои се уште надвиснуваат над овој процес”.
Претстaвник на семејствата на обвинетите во случајот „Монструм” неодамна во емисијата “Ноќно студио”, откри детаљ од “бомбите” за оваа контроверзна афера.
„Јас слушнав еден разговор помеѓу двајца протагонисти, маж и жена. Едниот вели „Таму ништо не е најдено, не е оставена никаква трага, но јас имам план”. Другиот прашува „Кој е планот” a овој одгoвара „Не можам по телефон да ти кажам”, изјави Бедри Ајдари брат и татко на обвинетите за случајот Монструм.
Заев: Се видов со мајките на децата од „Монструм”, случајот да му се остави на судството
Премиерот Зоран Заев пред околу два месеци се видел со мајките и семејствата на децата кои беа жртви во петкратното убиство на Смилковско Езеро.
– Се видов со мајките на децата и членови на семејството и сите сме согласни дека случајот треба да се остави на судството – рече Заев.
Тој посочи дека и тие и сите засегнати со останатите спорни случаи, како со смртта на Никола Младенов и други, имаат право да ја знаат вистината. Но, потенцираше премиерот, ниту тој ниту кој било друг политичар не треба да алудираат да бидат обвинители. До каде се истрагите и што се случува со предметите, рече, треба да кажат истражните органи.
– Секој мој друг коментар е мешање во судството и правдата. Во тек се реформите во судството, но мораме да го менуваме и нашиот менталитет – рече Заев.
СЈО има 38.000 „бомби” за петкратното убиство кај Смиљковско езеро
Она што СЈО го има во рака, според сознанијата на магазинот „Фокус”, се 38.000 телефонски разговори од кои дел ги имаат како снимка, а за дел постојат само транскрипти, но сите се произлезени од незаконското масовно прислушување во УБК.
Што откриваат овие многубројни разговори поврзани со „Монструм” засега е непознато, но постојат нови детали кои досега не им биле познати на јавноста, на обвинителството и на судот, а за кои се очекува да разјаснат барем еден дел од крвавиот настан.

