Македонско-австралиската организација на зедницата (МАСО), минатава сабота, во прекрасната рецепција „Шелдон” одржа заедничка прослава на јубилејот – 25 години самостојност на Република Македонија.
Водители на настанот беа Дона Димовски Кантаровска и Славчо Трајковски.
Беа изведени химните во живо на Австралија, која ја пееше нашата позната пејачка Вера Паческоска Трајкоски и на Македонија, изведена од ѕвездата Татјана Лазаревска. Посебно убава беше кореографијата со големиот број на деца кои ја надополнија изведбата на химните.
Во воведот Славчо Трајковски рече:
„Има ли нешто поубаво и посветло кога без оружје, на најдемократски начин со референдум се решава за судбината и сувереноста на сопствената држава. Референдумот од 8 септември 1991 година е круна на историските напори за македонска самостојна држава по Илинден 1903 и АСНОМ ’44-та. Референдумот е одговор на историските неправди на сите стари и нови аспирациии спрема Македонија и македонскиот народ, на сите обиди за негација на самобитноста. Врз темелите на Кресненското, Разловечкото и Илинденското востание и Крушевската Република се вградија темелите на самостојноста и независна македонска држава. Тој ден над Македонија се роди ново сонце на слободата, осамна третиот Илинден. За светот, за меѓународната јавност, прогласената самостојност претставуваше предизвик да се соочи и да ја прифати новата реалност – Република Македонија. Денес вековниот идеал за независна македонска држава е стварност а македонските граѓани гордо и достоинствено ја чуваат и ја негуваат државноста на оваа прекрасна земја, на својата единствена татковина, – Република Македонија”.
Претседателката на МАСО, Лидија Нешковска потоа во своето обраќање им укажа на присутните парламентарци дека е потребно итно признавање на уставното име на Македонија од страна на Австралија.
Како специјални гости вечерта беа сенаторката Џасинта Колинс, која го претставуваше лидерот на федералната опозиција Бил Шортен, потоа локалната парламентарка Натали Сулејман, градоначалникот на Витлси Стеван Козмевски и заменик-конзулката Радмила Стојмировска.
Признанија од МАСО вечерта им беа доделени на заменик-конзулката Радмила Стојмировска, на Ник Анастасовски за неговата истражувачка работа на полето на историјата и постхумно признание за починатиот Здравко Талевски од КУД „Јане Сандански” за зачувување на нашата култура, што го прими неговата ќерка Сузана.
Програмата беше отворена со убава поезија за Македонија, „Среќен роденден земјо мила” од мелбурншката авторка Гордана Димовска, а во изведба на актерката Дона Димовски-Кантаровска. Локалниот писател Нове Младеновски пренесе поздрав од литературното друштво „Кочо Рацин” и читаше извадок од својот опус. Следеа настапите на Џесика Црнгаров со модерен танц и настапите на младите талентирани пејачи од македонско потекло: Мајкл Димовски, Џесика Поцев, Лавинија Тошев и Николас Петерсон.
Прекрасниот оперски глас на Македонецот од Џилонг, Мајкл Димовски, изнуди бурен аплауз од целата сала и барање за уште една изведба. МАСО уште еднаш покажа дека може да организира големи настани, а посебно треба да се истакне организационата способност на Лидија Нешковска и рецепцијата „Шелдон” која со својот гламур и елеганција му дадоа достојно одбележување на јубилејот.














