Масовно незадоволство освен во Скопје и во повеќе градови низ Македонија

Освен фасадата на Министерството за култура, велигденски беа бојосани и дел од полицајците во заштитниот кордон

ВТОРА НЕДЕЛА ПРОТЕСТИ И КОНТРАПРОТЕСТИ
Веќе втора недела има протести организирани од граѓанската асоцијација #Протестирам кои, освен во Скопје, каде се најмасовни, се проширија и во повеќе градови низ Републиката: во Тетово, Куманово, Струмица, Штип , Велес и Битола, Гостивар, Кочани, Прилеп. Најавата е дека ќе продолжат и понатаму.

Од движењето #Протестирам велат дека преку протестите се бара итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Понатаму, тие бараат итна и неотповиклива оставка на Ѓорѓе Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија; Произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО; Формирање на специјално одделение на Кривичниот суд, кој ќе биде надлежен за случаите под јурисдикција на СЈО; Итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни; Задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, како и формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.
Истовремено се одржуваат и контрапротести организирани од Граѓанското движење за одбрана на Македонија во Битола, Штип и Велес (ГДОМ). Тие се делумно против одлуката за аболиција (конкретно на Зоран Заев и Зоран Верушевски), но главно за да ја одржат и прошират идејата дека единствено со изборите на 5 јуни ќе се расчисти политичката криза во земјата. Ја повикуваат опозицијата да излезе на “мегдан”, па кого народот ќе го избере тој да ја управува државата. Сметаат дека во Македонија се спроведува “украинско сценарио” за соборување на легитимно избраната власт со директно мешање на странците во внатрешните работи за земјата.
Првите протести се со поддршка на СДСМ (а се приклучи и албанското движење БЕСА), а вторите со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. На првите маршираат највисоките функционери на СДСМ, а на вторите високи државни службеници поставени како кадри на ВМРО-ДПМНЕ (директорот на Архивот на Македонија, директорот на МНТ, директорот на Театарот за деца и млади, директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци…)
Освен во Скопје, Народните канцеларии на претседателот Иванов досега беа цел на демонстрантите од #Протестирам и во Битола и во Тетово (им беа искршени стаклата а внатре беа фрлани јајца). Инаку, на протестите во Скопје секојдневно се вандализира Порта Македонија на која се фрлаат јајца, кеси со боја и се пишуваат графити. Наутро се чисти а навечер повторно се валка. Во понеделникот со боја беше “велигденски бојосано” и Министерството за култура, при што “настрадаа” и дел од полицајците во заштитниот кордон. Во големата фонтана на скопскиот плоштад протестантите истурија прашок за перење (симболично за да се исперат сите неправди) а со црвена боја беа бојосани очите и мадињата на некои од лавовите.
Во Битола, пак, демонстрантите се дополнително поттикнати и од новиот случај “Транспортер”, објавен од страна на СЈО, во кој градоначалникот Владимир Талески е осомничен за плаќање на прескап превоз за учениците. СЈО осомничи 21 лице, главно сопственици на транспортни фирми кои фактурирале многу повеќе од договореното со тендерите а градоначалникот Талески ги исплаќал. Карактеристично за овој протест беше тоа што демонстрантите се појавија пред зградата во која живее градоначалникот Талески. Тие побараа новостекнатиот имот на градоначалникот да биде конфискуван, како што најавија од СЈО дека во идна постапка би можело да се случи, иако тој е аболициран.
Протестите организирани од ГДОМ се сосема мирни и досега за нив не е забележан случај на конфликт со полицијата. Иако од ГДОМ објавија дека повеќе нема да носат луѓе од внатрешноста на митинзи во Скопје, зашто целта била постигната и пораката испратена, сепак се организираат контрапротести во неколку градови од внатрешноста за да се парира во активностите, да се анимираат поддржувачите на владејачката гарнитура и да не се остави медиумите да известуваат само за протестите на спротивниот табор.

Од протестите досега најмногу страда Порта Македонија. Навечер се гаѓа со јајца и боја, се пишуваат графити, а наутро се чисти. Следната вечер повторно…

Учесниците на Протестирам истурија прашок за перење во фонтаната за да се испере криминалот

Во саботата можеше да се случи потежок инцидент кога едно лице со шлаканица спречи девојка да фрли кеса со боја на Портата Македонија. Провокаторот беше брзо изолиран од редарите на протестот, без да биде повреден. Наводно се работи за брат на главната уредничка на вестите во “Канал 5“

Останати вести