Министерството за здравство потврди уште два нови случаја на заразени со коронавирус. Се работи за постар брачен пар од Центар Жупа (Дебарско), кои се заразиле при престој во Италија.
Имаат сосема лесна форма на болеста, но ќе бидат постојано под лекарски надзор на Инфективната клиника поради ризичната возраст. Тие допатувале со автобусот во кој имало вкупно 28 патници заедно со возачот и двајцата заразени сопружници. Министерството ги лоцирало и идентификвало сите до еден. На сите нив им е одредена домашна изолација и здравствен надзор од страна на Државниот здравствен инспекторат. Изолираните лица се од Скопје, Тетово, Дебар, Охрид и Велес. Еден од патниците е албански државјанин и тој веќе ја напуштил земјата, откако претходно било јавено на тамошните здравствени васти.
Брачниот пар дополнително контактирал и со десет други членови на семејството и со пријатели. На сите им е препишана домашна изолација и надзор од епидемиолози.
Интересен момент е тоа што возачот на автобусот, не знаејќи за инфицираниот брачен пар, во меѓувреме повторно заминал со автобусот за Италија и се вратил. Автобуот е запрен на граница и сите патници прво се проверени на инфекцијата а потоа се пуштени дома и се контролираат.
Министерот Филипче објави дека во реновиран, нов оддел во Демир Капија има спремено дополнителен објект за изолација, како истурен дел на инфективните оддели на Штип, Велес и Гостивар.
Министерот пак ги потсети граѓаните со симптоми на коронавирусот да не трчаат право кај матичните лекари и да шират зараза, туку дома да повикаат епидемиолози да дојдат и да ги прегледаат.