Во Перт маж и жена осудени за убиството на дилерот на дрога Мите Наумовски

Телото на Наумовски со шест прострелни рани било пронајдено во багажникот на еден автомобил паркиран во близина на еден мотел во Перт.

 

Врховниот суд во Перт го осуди на девет години затвор Паоло Нунцио Стањо (30) за убиството на Македонецот Мите Наумовски (37) во септември 2011 година во Перт. Затворска казна од пет години и четири месеци доби и девојката на Стањо, Даниела Kовач (28), која му помогнала на убиецот да го скрие телото на Наумовски. Двајцата првично беа обвинети за убиство со предумисла, но судот ги прогласи за виновни за убиство од небрежност.

Според спецификите на австралискиот судски систем, во двата случаја станува збор за класично убиство, но разликата е во тоа што според донесената пресуда, Стањо го убил Наумовски со намера, поради одредена провокација, иако не во самоодбрана.

Стањо во моментов отслужува петгодишна затворска казна за друго кривично дело, па според австралиските закони, дури во 2024 година ќе може да бара намалување на казната. Во казната на Kовач е пресметано и времето поминато во притвор од 2012 година, а помилување ќе може да добие веќе во септември идната година.

Наумовски, кој бил дилер на дрога што отслужувал и затворски казни, бил пронајден мртов во багажник од автомобил паркиран во подземна гаража на хотел во местото Ривервејл кај Перт. Неговото тело било пронајдено единаесет дена откако семејството го пријавило за исчезнат.

Веднаш по убиството полицијата осомничи четворица за убиството, меѓу кои Стањо и Kовач.

Според обвинението, Стањо и Наумовски имале подолг период недоразбирања бидејќи убиецот му должел на Македонецот 8.000 долари за дрога што ја купил од него.

Бидејќи бил револтиран што Наумовски му ги бара парите, убиецот на 25 септември 2011 ја испратил Kовач да испука повеќе куршуми кон куќата на родителите на Наумовски, каде што тој живеел со својата ќерка. Таа пукала од автомобил и останала доволно време пред домот на Наумовски за овој да ја забележи. Македонецот веднаш тргнал во потера по возилото со својот мотоцикл „дукати”, но претходно се вооружил со мала секира „томахавк”, со електрошокер и лисици. Девојката го намамила нашинецот во куќа во областа Ноламара каде што бил Стањо. Kога Наумовски влегол внатре, убиецот испукал од пиштол четири куршуми во градите, а кога нашинецот се завртил да бега, го застрелал уште два пати во грбот. Потоа Стањо и Kовач го зеле телото на убиениот и го ставиле во пластична кеса. Спакуваниот труп потоа го ставиле во багажникот на автомобил „хонда” и го покриле со синџири и гуми. На крајот го одвезле автомобилот во хотелот во Ривердејл и го паркирале во подземната гаража каде што беше пронајден.

При изрекување на пресудата судијата рекол дека двајцата не покажале почит кон телото на убиениот, како и тоа дека Стањо се обидел да ја одведе полиција на погрешна трага. Судот не ги зел во обѕир неговите тврдења дека пукал во самоодбрана и како отежнувачка околност го зел фактот што ја намамил жртвата која не знаела дека тој е во куќата, па на тој начин имал предност. Сепак, Стањо се покајал за стореното.

Наумовски пред да биде убиен требало да се појави во суд за вооружен грабеж и за кражба. Тој претходно во 2009 година беше уапсен во хотел кога полицијата кај него пронашла 16 грама синтетичка дрога метамфетамин, две таблети „екстази”, како и 30.000 долари во готово. Судот го осуди на 14 месеци затвор бидејќи во 2007 година веќе бил осуден на две години затвор за шверц на дрога.

Мистерија убиствата на тројца македонци

Австралиската полиција во моментов трага по убијците на уште тројца Македонци. Во јуни годинава во Волонгонг беше пронајден егзекутиран бизнисменот Џон Гашовски (48), кој најверојатно бил поврзан со криминалци. Тој бил врзан и убиен со куршум во главата.

Сашо Ристевски беше убиен во септември 2011 година во својот дом во Лејк Хајтс, а Дарко Јанчевски беше ликвидиран пред две години исто така пред куќата на своите родители. За разлика од Гашовски, Ристевски и Јанчевски имале криминално минато и биле поврзани со шверц на дрога.

Останати вести