Малечкиот математички генијалец Македон Димитровски оваа учебна година ја завршува со уште еден златен медал, овој пат на Математичката олимпијада за основни училишта (MOEMS) од САД.
Oваа математичка олимпијада е основана во 1979 година и претставува едно од најпознатите натпреварувања од областа на математиката во САД и во целиот свет, каде што секоја година учествуваат над 120.000 ученици од повеќе од 39 земји.
Македон на натпреварот учествуваше преку училиштето „НОВА“. Неговиот коефициент на интелигенција е 134, како деветгодишник учи математика за средно образование, а до сега добил четири златни, два сребрени и еден бронзен медал на светски и домашни натпревари во конкуренција со илјади деца.
Македон учи во приватната школа „Нова“ откако благодарение на стипендијата од училиштето и компанијата „Пантелеон ГС“, од тетовското училиште „Лирија“ се префрли да учи во Скопје.
Во “Нова“ немаат дополнителна програма за талентирани деца, но имаат дополнителни професори што доаѓаат од средното образование. Има „еден на еден“ онлајн настава и со професор од универзитет од Мелбурн, Австралија. Тој му предава математика и физика и го подготвува Македон да полага тест за прием на Харвард на 11 години. Но, што ќе биде доколку положи, родителите не сакаат да размислуваат уште од сега.
– Тој доби стипендија од 60.000 долари за да учи во врвно престижно училиште во Австралија, но одбивме затоа што е мал. Затоа не сакаме да планираме до детали и за Харвард, кажа неговиот татко.