Во Шипковица: Мечка ги откопува гробовите, ги јаде покојниците

Вистински хорор на локалните гробишта дочекале жителите на селото Шипковица, на падините на Шара. Деновиве нашле отворени гробови и човечки остатоци расфрлани низ гробиштата, а според очевидец, штетата ја предизвикува мечка, којашто ги откопува и ги јаде остатоците од скоро починатите и закопани селани.

– Четириесет и осумгодишниот Н.С. од тетовска Шипковица, на 29 јули 2019 година околу 16:30 часот, пријавил дека на селските гробишта диво животно, најверојатно мечка, пред три дена го ископало гробот на неговиот татко. Ноќта помеѓу 28/29 јули истото го повторило уште еднаш, по што најблиските го бетонирале гробот, рече портпаролот на МВР Марјан Јосифоски.
Еден од жителите на Шипковица, пак, за “Алсат-М” изјави:
– Извадила тела од два гроба и ги јадела од колена надолу. Другото го извадила од гробот и го фрлила настрана, но нозете му ги изела. Погребавме младо момче, но следниот ден кога отидовме, трупот беше надвор, а нозете ги немаше, раскажува жителот за хоророт што го затекнале. Жителите велат дека сега стражарат.
Известено е Министерството за земјоделство и се очекуваат одлуки за понатамошните мерки. Се очекува да се даде налог за отстрел на мечката која е инаку животно заштитено со закон.

Останати вести