Две кровни медицински групи го подготвуваат тоа што го нарекуваат итна потребна реформа на секторот за грижа за стари лица.
Постарите граѓани на Австралија не можат да го дочекаат крајот на истрагата што ја води Кралската комисија за грижа на стари лица со цел да се унапреди овој сектор, предупредуваат двете главни медицински тела – Здружението на лекари на Австралија (АМА) и Федерацијата на медицински сестри и приматели во Канбера, кои ја повикаа федералната влада да превземе итна акција за подобрување на состојбата во секторот. Заеднички повикуваат на промени и дополнително финансирање за да се обезбеди сигурност при грижата за старите лица. Ова вклучува дефинирање на минималниот однос на вработените и штитениците, зголемување на профитот од Medicare за докторите кои работат во секторот за грижа на стари лица како и поголеми вложувања за грижа во домаќинствата. Претседателот на Австралиското здружение на доктори, д-р Tony Barton вели дека поради рестрикција на буџетот не смее да дојде до компромис во стандардите за грижата на старите лица. „Владата не смее да стои со скрстени раце и да гледа како давателите на услуги за грижа за старите лице продолжуваат да се грижат за нив но со послаб квалитет затоа што се „преголеми да пропаднат” – вели д-р Barton. Anne Butler од Федерацијата на медицински сестри вели дека коалицијата ќе превземе итни мерки со кои ќе ги присили давателите на услуги за грижа за стари лица да го објават однос на вработените и корисниците на услуги и како тие ги користат субвенциите од државата. „Не можеме да чекаме владата на Морисон да делува според било каква препорака на Кралската комисија за да го сопре страдањето на старите” – вели таа. Се очекува Кралската комисија својот извештај да го објави во ноември следната година.