Мелбурн излезе од карантин

Мелбурн беше под строги мерки на изолација од почетокот на јули. Бројот на заразени и починати дојде до нула (крофна). Владата на Даниел Ендрус е обвинета дека нанесе непотребна економска штета со тоа што порано не ги ублажи рестрикциите

Мелбурн со своите пет милиони жители излезе од карантин на 28 октомври (во средата) откако во неделата и понеделникот немаше ниеден нов случај со ковид-19. Викторија беше епицентар на вториот бран во Австралија со повеќе од 90% од сите смртните случаи што ги имаше нацијата (досега 905).

Мелбурн влезе во карантин пред 111 дена што вклучуваше сериозни намалувања на слободата: затворање по дома, ограничувања на движењето, затворање на школите и бизнисите. Премиерот Даниел Ендрус во понеделникот изјави дека градот е подготвен повторно да се отвори откако дојде првиот ден по повеќе од 4 месеци без да биде забележан нов случај на зараза. Последен пат кога во Викторија не бил забележан ниеден случај на коронавирус беше на 9 јуни – пред да почне вториот бран на инфекции.
– Со толку многу тестирања викендов и ниеден нов случај можеме да кажеме дека сега е време да се отвориме. Ова се должи на секој еден Викторијанец кој ги следел правилата, останал на курсот, работел со мене и со мојот тим за да го доведеме до крај овој втор бран – изјави премиерот на Викторија, Даниел Ендрус.
Во јули Викторија забележа дури 729 случаи на ден, но строгите мерки за седење дома и полицискиот час ги намалија бројките.
Кои рестрикции паднаа?
Жителите во Мелбурн од среда, 28 октомври, можат да излегуваат од своите домови без посебна причина, отворени се сите продавници, ресторани, кафулиња, барови со групи од 10 луѓе внатре, дозволена е посета по дома, но со ограничувања на двајца возрасни и едно дете и само една посета во денот, на свадби е дозволено до 10 луѓе, на погреби до 20, а собирање надвор е дозволено до 10 луѓе.
Од 8 ноември граѓаните ќе можат да патуваат низ целата држава Викторија без ограничувањето само до 25 километри од нивните домови а ќе се отворат и фитнес центрите. Сепак, премиерот им порача на граѓаните да останат внимателни.
Во моментов има 91 активен случај и ниту еден не е во болница.
На ниво на цела Австралија, која има 25 милиони жители досега, има 27.500 заразени – што е многу помалку од други земји во светот. Континентов влезе во карантин во март, кога имаше по 100 заболени дневно. Инфекцијата достигна врв по еден месец и потоа почна да опаѓа на сите места освен во Викторија.
Жителите на Мелбурн се соочија со строг карантин: ноќен полициски час, преку ден дозволен само по еден час надвор од дома за вежбање (за сите членови на семејството) и еден час за пазарење (само за еден член по домаќинство), забрана за оддалечување повеќе од 5 км од нивниот дом, затворени училишта и продавници.
Ваквиот долготраен режим беше проектирано да трае до бројката од 5 новозразени дневно (во двонеделен просек). Целта баеше постигната порано од предвиденото што предизвика поделени мислења меѓу граѓаните. Бизнисмените и жителите последните денови повикуваа државата веднаш да се отвори повторно, но имаше и граѓани кои го поддржуваа и натаму внимателниот пристап на премиерот.
Едни го сметаат за успех подвигот на Даниел Ендрус кој ја совлада заразата за разлика од светот каде сега беснее (секако нема да ја прогласиме “за умрена”). Други сметаат дека го уништи градот и бизнисите (од аферата со карантинот наваму), и дека треба да се споредува колку добро сработил со она што го постигнаа НЈВ, ЈА, Квинсленд, Тасманија, ЗА, Канбера и Северната Територија. На ниту едно од овие места не само што немаше експлозија на коронавирусот туку тие одамна се вратени во нормала без да ја сринат својата економија и да направат толку многу штета на своите жители.

Останати вести