Викторија го продолжи заклучувањето во Мелбурн втора недела по ред, со цел да се спречи ширењето на позаразниот вид на коронавирусот од Индија.
Петте милиони жители на Мелбурн и натаму живеат под стриктни рестрикции до 10-ти јуни, мерките се укинати за жителите во регионалниот дел на Викторија, каде има само ограничувања за јавни собирања и капацитетот на рестораните.
Новиот карантин е четврти во Мелбурн и државата Викторија од почетокот на пандемијата.
Викторија, втора по бројност држава во Австралија, започна да се заклучува минатиот четврток, а мерките требаше да траат до 3 јуни, откако беше забележан првиот случај на локално пренесување на коронавирусот по цели три месеци.
Бројот на инфекции постепено се зголеми над 60, а бројот на контакти за следење достигна неколку илјади.
„Знам дека тоа не е веста што сите сакаа да ја слушнат, но владата немаше избор, имајќи го предвид бројот на заразени. Ако не бидеме во карантин, оваа работа ќе ни избега од контрола и ќе умираат луѓе. Никој не сака да ни се повтори зимата”, рече вршителот на должност премиер на Викторија, Џејмс Мерлино, алудирајќи на карантинот кој траеше 112 дена.
Иако Викторија бележи едноцифрен број на заразени луѓе на дневно ниво од воведувањето на заклучувањето, официјалните лица стравуваат дека овој вид на вирусот може да се прошири и со минимален контакт.
Здравствените власти соопштија дека на новиот вид му треба само еден ден да се пренесе од човек на човек, во споредба со претходните видови, каде пренесувањето траело пет или шест дена од контактот.