Како да се спаси фудбалот?
Додека светот се бори со пандемијата со коронавирусот, која го прекина нормалниот живот, го запре спортот, фудбалските клубови во ек на мирување веќе прават пресметки од шокот што допрва ги очекува на финансиски план, зашто никој не знае ниту колку ќе рае оваа состојба, ниту кога сè ќе се врати во нормала, но според стручњаците така брзо сето тоа нема да се случи.
Низа врвни европски епидемиолози веќе најавија дека фудбалот ќе почека додека повторно се игра, а навивачите да не чекаат чуда и дека можеби годината ќе заврши без гледач на трибините, клубовите веќе бараат спасоносни решенија, а посебно силен крик има од Здружението на фудбалери (ФИФПро) за експресно да се донесат мерки со кои би се ублажил силната и болна рецесија која е во најава.
Од економската криза која се заканува нема да биде имун веројатно ниту еден клуб, па ни најголемите, кои шокот можеби подолго ќе го издржат поради огромните приходи, за разлика од „малите”. Поради тоа, клубовите веќе подготвија предлог од три итни мерки со кои мора да се интервенира за да не се доведе најважната споредна работа на светот пред колапс.
Како и во секој друг сектор, така и во фудбалската индустрија, проблемот е едноставен – нема мечеви, нема приходи – нема плати!
Водечките клубови (ЕКА) и лиги (ЕФПЛ) веќе разговараат со ФИФПро за конкретни решенија, а сите бараат исто, сериозна помош од ФИФА и УЕФА, кои имаат сериозни резерви – светската централа над една милијарда евра, а европската над пола милијарда. Засега три конкретни мерки се предложени, кои допрва треба заеднички да се усогласат и да се тргне во спасот на спортот кој е најпопуларен.
Најважната мерка која се предлага за да се спаси европскиот фудбал е сериозно намалување на платите на фудбалерите. Едноставно, сите мора да се жртвуваат, а првата жртва е на фудбалерите, кои моментно не може ни да тренираат, а не да играат, па затоа мора да бидат согласни на намалување на платите. И според најавите, би се донел план за генерално намалување на платите, за да нема отстапки некој може повеќе, некој помалку, барем кај гигантите. Фудбалерите секако нема да останат без пари, а најдобрите секако ќе имаат за супер живеачка, нема да паднат на „леб и сол”, ама нема да имаат неверојатни договори од десетици милиони евра годишно.
Втората мерка е да се продолжат договорите после крајниот рок на 30 јуни, што би значело дека можно е да се скрати преодниот рок, кој во ситуација на сериозен финансиски потрес, може и воошто да го нема, зашто тешко за верување е дека ќе има потреси на пазарот со џиновски трансфери. Кога нема пари за плати, кој воопшто би помислил дека ќе има само за обесштетувања и менаџерски провизии. Оваа мерка предвидува фудбалерите најмалку да бидат задржани таму каде што се, клубовите да се заштитат да не загубат играч и во ек на продолжение на сезоната, но и дел од играчите да не останат на улица, па потоа да бидат доведени во ќорсокак да не може да најдат ни ангажман.
Третата мерка е откако ќе се донесе одлука, после препорака од здравствените власти дека е безбедно да се игра фудбал (многу извесно без гледачи), да се игра на секои 72 часа. Така клубовите на шокот од економска гледна точка, ќе одговорат со „шок” – телевизиите да бидат преполни со фудбал, да има еден тон мечеви, па парите од ТВ-права да се влеат во клупските каси и економски да се донесе некоја стабилност која ќе гарантира дека темелите нема да се урнат, зашто најголем дел од клубовите ги имаат најголемите приходи токму од ТВ-договорите.
Сега останува да се види кога би се случило најрано сценариото за рестартирање на фудбалот, зашто вирусот во Италија (како најпогодена) не запира, а алармантно се шири во Шпанија, Германија, Франција, Велика Британија…