Луѓе од различно културно и јазично потекло (CALD – потекло) присуствуваа на информативната средба за заедницата во врска со Metro Tunnel, која се одржа во Multicultural Hub во Мелбурн.
Посетителите го сослушаа вишиот персонал од Melbourne Metro Rail Authority (MMRA), кој изнесе детален преглед за Metro Tunnel и изградбата на петте нови подземни железнички станици опфатени со проектот, имено, станици во Arden, Parkville, CBD North, CBD South и Domain.
При деталното информирање беа изнесени важни информации за постапката во врска со Environment Effects Statement (EES) (Изјава за влијание на животната средина (EES-изјава)) и детали за можното влијание на изградбата врз заедниците, после кое следеше средба со генералниот директор на MMRA, Evan Tattersall, на која тој одговараше на прашања.
Г-динот Tattersall објасни дека информативната средба е дел од сеопфатна програма на активности за вклучување на јавноста во проектот со цел да се задоволат потребите на разновидните CALD-заедници во Мелбурн.
‘Metro Tunnel е најголемиот проект во инфраструктурата за јавен превоз и ние се обврзуваме да им овозможиме на сите жители на Викторија да го изнесат своето мислење во врска со најновата подземна железничка линија во Мелбурн,’ рече г-динот Tattersall.
Melbourne Metro EES-изјавата и првата верзија на Planning Scheme Amendment (Измена на планска програма) ќе бидат изложени за јавноста од 25 мај до 6 јули 2016. EES-изјавата е интегрирана проценка на можните еколошки, социјални и плански влијанија на проектот, како и на предложениот пристап за контролирање на истите.
Забелешки во врска со Melbourne Metro EES-изјавата и првата верзија на Planning Scheme Amendment може да се достават во периодот додека тие се изложени за јавноста, при што сите забелешки мора да се примат до 5 ч. попладне на 6 јули 2016.
Со изградбата на Metro Tunnel во вредност од 10,9 милијарди долари, ќе се измени начинот на кој луѓето патуваат низ Мелбурн, при што ќе им се овозможи да користат железнички услуги без чекање и да имаат подобар пристап до клучните белези на градот.
Со проектот ќе се изградат два двојни тунели во должина од девет километри, од западниот до југоисточниот дел на градот, во склоп на новата железничка линија од Sunbury до Cranbourne/Pakenham со возови со висок капацитет и пет нови подземни железнички станици. Во градот, новите тунели ќе се движат под Swanston Street и од двете нови градски железнички станици ќе може директно да се пешачи до Melbourne Central Station и Flinders Street Station.
За повеќе информации во врска со проектот на други јазици, телефонирајте на MMRA Interpreter Line (Преведувачка телефонска линија на MMRA), на 9280 0700.