Со победа на ВМРО-ДПМНЕ ќе видите нов градежен бум, односно 2 милијарди евра инвестиции во патишта или половина милијарда евра вложувања за секоја година од мандатот – рече претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.
Тој вети ново автопатско поврзување на Велес со Битола, реконструкција на над 1.000 километри регионални патишта и изградба на 150 километри експресни патишта. Од нив, ќе има нови експресни патишта на релациите Куманово – Крива Паланка, Битола до грчка граница, Струмица до бугарската граница. Треба да се дозавршат и автопатските делници Скопје – Блаце и Кичево – Охрид, како и започнатите експресни патишта. 300 милиони евра ќе се вложат во водоводна и канализациона мрежа, а ќе се доизгради и пругата од Битола до грчката граница, како и долгоочекуваната железница до Бугарија. Мицкоски најави и купување на 5 нови возови, нови евтини авиолетови, како и прекуокеански летови од Македонија.
За бизнисот, пак, клучни проекти се автопатите од Скопје до Блаце и Кичево – Охрид. Мицкоски вели дека сите проекти ќе бидат вметнати во новата предизборна програма на партијата со конкретни рокови за изведба.
Стопанствениците го поздравуваат враќањето на рамниот данок, но и најавите на Мицкоски за негово намалување до 8%.
Според Мицкоски, 12-те нови проекти за обнова на инфраструктурата ќе бидат сериозна инјекција за градежништвото. Тој очекува раст на овој сектор од 30% што меѓу другото треба да придонесе и за економски раст од најмалку 4% секоја година.
… И авион до Америка
Како и пред секои избори до сега, ветувањата на политичарите добиваат небесни димензии. Овој пат и буквално бидејќи Мицкоски вети дека ќе работи и за обезбедување на прекуокеански летови до САД.
За прекуокеански летови од Македонија до САД треба да се обезбедат минимум неколку критериуми, меѓу кои е пронаоѓање на странска авио-компанија заинтересирана за одржување на ваквиот лет, како и негово субвенционирање. Од земјите во соседството, Косово имаше директен лет Приштина-Њујорк, но ваквото искуство траеше само летото 2009 година. „Ер Србија” во моментов лета од Белград до Њујорк, но според проценките на аналитичари за српскиот весник „Данас” велат дека оваа линија создава загуби од околу 20 милиона американски долари годишно.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вети дека по новиот автопат од Битола до Скопје во иднина ќе се патувало за час и половина. Трасата преку Велес, Чашка и Прилеп ќе се градела, бидејќи била од стратешко значење за Пелагонискиот крај и за еден милион граѓани, изјави Христијан Мицкоски.
Пред изборите од декември 2016 година, изградбата на нов автопат од Скопје до Битола ја вети и Васко Ковачевски, од тогаш опозициската партија СДСМ. Станува збор за проект, чие ветување за изградба е старо повеќе од две и пол децении, и тоа за прв пат беше споменато во времето на владеењето на владата на Бранко Црвенковски во 90-тите години од минатиот век.