Мицкоски: Вирусот не е шега, туку заедничка нова битка на Македонија која мора заедно да ја победиме

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упати отворено писмо по повод коронавирусот и мерките кои се воведуваат во земјата.
Писмото го пренесуваме интегрално.

„… Вирусот не е шега, туку заедничка нова битка на Македонија која мора заедно да ја победиме… Еден пријател од странство ме праша како се справувате со вирусот? Одговорив, се превземаат мерки тоа е, иако длабоко во себе знам дека не е така, дека состојбите се алармантни и дека мора подобро. Сликата на министерот со медицински голорак и незаштитен здравствен тим е сликата за македонското здравство и начинот на кој се работи во Македонија. Докторите се пуштени да се справуваат со пандемија незаштитени, небезбедни, под ризик за својот живот ама пр-от на министерот е важен, а стикерите на Филипче во стилот на супермен поважни. Филипче е далеку од супермен, можеби бизнисмен, ама повеќе е портпарол во време кога треба да биде само министер. Одбивам да ја сведувам дебатата на ова ниво и затоа ќе порачам баталете го пр-от, ова не е мегдан за тоа ќе има време кога ќе се мериме и во тоа поле, но сега мораме да покажеме поголема одговорност од се што било досега. Затоа неопходно е како општество да се мобилизираме, да се преземат итни и драстични мерки што побрзо и без одлагање. Се губи контролата над состојбите затоа што секојдневно се отвораат нови жаришта на вирусот. Болниците кои се на располагање се недоволни, а капацитети слаби. При тоа тука не страдаат само болните од корона, туку и оние болни од други болести кои нема да добијат навремена помош заради презафатеноста со справувањето со актуелната пандемија. Неретки се случаите да не добиете помош поради тоа што системот е блокиран. Оттука мора заеднички и силно да се фокусираме кон драстични мерки. Секој ден поминат без нив, ќе значи повеќе животи кои ќе се загубат.
Потребно е воведување на построг полициски час, најмалку од 18 часот за да има суштина со него и се направи ред, час поскоро. Мора за миг да се испразнат улиците за да се скенира состојбата.
Мора да се има протокол на правење на тестови за сомнителни од корона вирусот и тие да бидат целосно бесплатни во државното и приватното здравство. Да се удвојат капацитетите за проверка. Сега владее потполн хаос каде граѓаните велат дека приватните тестови имаат поголема веродостојност затоа што државните институции ги кријат заболените. Затоа треба да се делува во отстранување на тие сомнежи.
Морам да признам дека сум сериозно загрижен и за економската рецесија која ни престои. Државата оди по самиот раб. Илјадници луѓе престануваат да одат на работата, а штетите се поголеми од ноншалантниот однос на владата. Оние мерки кои ги соопшти Заев се далеку од доволни.
Треба веднаш државата да покрие 50% од сите трошоци за вработените, плати и придонеси. Да се замрзнат плаќањата на рати кон банките и заемодавателите бидејќи тоа е добро и за банките, но и да се излезе со детална програма на Владата и функционерите на власт за финансиско кратење на нивните привилегии и непродуктивни трошења. Да почнеме со штедење не од работниот народ, туку од привилегиите на властодршците, со личен пример. Ќе предупредам парите во услови на ваква криза стануваат од ден на ден се поскапи, затоа што ги има се помалку. Задолжувањето до кое ќе се дојде доколку се чека премногу ќе биде со огромна камата и затоа треба да се направи рационален план за изнаоѓање на свеж капитал по најповолни услови што може да се обезбедат. Нема ние како власта која тогаш беше опозиција да пишуваме писма за да го блокираме задолжувањето.
И сакам нешто да истакнам до Заев и Спасовски, независно што јас и ВМРО-ДПМНЕ ги предлагаме овие мерки, прифатете ги што побрзо, прифатете ги за доброто на државата и сите наши граѓани. Прифатете ги, а јас ќе се откажам од сите политички ловорики кои вам ќе ви ги отстапам. Мене таква слава не ми треба, само прифатете ги и дејствувајте итно. На граѓаните и Македонија и треба помош и лидерство…
… И сосема на крај, сите оние кои мислат дека може да профитираат од оваа криза, трговци со респиратори, пченица и ококорени политичари бизнисмени треба да знаат “здравјето е вистинско богатство, а не парчиња злато и сребро”, а ќе дојде време да се одговара за тоа кој земал и злато и сребро на грбот на напатениот народ. Но не е сега време за таа дебата, а ова го пишувам за да остане забележано и да се памети. Ова првенствено е писмо да ја разбуди совеста на оние кои управуваат со државата, да се ставиме над ситуацијата и да делуваме одговорно и одлучно. Ова е време на големи одлуки со кои ќе спасиме животи и ќе си ја заштитиме државата…”, пишува во отвореното писмо на Христијан Мицкоски.

Останати вести