Сиднејскиот тајкун со хрватско потекло Рон Медиќ (70) веројатно ќе умре во затвор откако е осуден на најмалку 30 години затвор поради нарачување ликвидација на бизнис конкурент и закана кон неговата вдовица.
Градежниот бизнисмен Медиќ е прогласен за виновен во април. Судот утврди дека тој ја нарачал ликвидацијата на Мајкл Мекгарк, кој е погоден во глава пред својата куќа во Сиднеј во септември 2009 година, но и за закани кон неговата вдовица Кимберли Мекгарк, кои траеле речиси една година.
Во правосилна пресуда Врховниот суд на Нов Јужен Велс, со кој во четвртокот заседуваше судијата Џефри Белји, наведено е дека убиството на Мајкл Мекгарк претставува гнасен и одвратен злочин. Тој на Медиќ му одреди 39 годишна казна затвор, од кои зад решетки ќе мора да помине најмалку 30 години. За време на судењето, поротата на Врховниот суд на Нов Јужен Велс го прифати исказот на поранешниот соработник на Медиќ, Лаки Гателари, кој потврди дека Медиќ го нарачал убиството на Мекгарк поради нарушени односи и судска постапка поврзана со повеќе милионски долгови.
„Медиќ разви омраза кон Мекгарк, што му даде мотив да го убие. Насилната, изненадна и неочекувана смрт на Мекгарк остави катастрофални последици по неговото семејство” – наведе судијата во пресудата и додаде дека Медиќ на убиците им исплатил 500.000 долари. Гателари раскажа и дека Медиќ му рекол оти има намера по убиството на Мекграк да ја притисне и присили вдовицата за да ги реши заостанатите судски расправи на нејзиниот маж. Гателари го прашал дали е сигурен дека тоа сака да го направи и добил потврден одговор: „Сакам да го погребам тој човек.” Мекгарк е убиен со еден куршум во глава пред својата куќа во Креморн на 3 септември во 2009 година. Пред куќата го чекале Хаишам Сафетли и Кристофер Естефан.
Награда за сведочење
Гателари бил тој кој за убиството го ангажирал Хаишам Сафтели и поранешниот босански војник Сенад Каминиќ кој во 2010 година е осуден на само две и пол години затвор поради соработка во текот на истрагата и сведочење. Истата година Гателари бил осуден на седум и пол години, откога признал дека го организирал убиството. Тој добил скратување на казната од 60 отсто.