Мигрантската криза ја чини Македонија милиони долари

“Охрабрувачки е фактот што во овој момент има порака од ЕУ и дека има усогласеност меѓу 28-те земји членки за распределба на товарот во најмала рака за 120 илјади бегалци.

Тоа е веројатно добар чекор кој го очекувавме подолг период бидејќи ако не постои таква распределба, ќе остане впечатокот дека само некои треба да го носат товарот додека другите ќе се апстрахираат од овој сериозен проблем, можеби најсериозен во последните години за ЕУ.”
Ова е одговорот од министерот за надворешни работи Никола Попоски на новинарско прашање во врска со најновите случувања со мигрантите.
“Постои загриженост од најави, опции и дискусии за за­творање на граници. Нашето видување за ова е јасно и недвосмислено – тоа не може да донесе решение. Во досегашниот тек на развојот на оваа мигрантска криза се чини дека приоритет беше префрлање на топката од една до друга граница и секој се трудеше да нема застој во неговото двориште. Сценарио во кое некои од европските земји на северот, Србија, би ја затвориле границата би значело дека за многу краток период би можеле да имаме многу сериозна бројка на мигранти на територија на РМ”, рече Попоски.
Фактот на пристигнување на мигрантите е нешто што не можеме да го регулираме, тоа зависи пред се од грчките власти, истакна Попоски, но, укажа, тоа е сценарио кое мора да биде избегнато, затоа што ние сме во специфична ситуација – имаме мигранти на територија на ЕУ, кои сакаат да стигнат на територија на Унијата, а Македонија е транзит земја која е кандидат за членство во ЕУ.
“Сакаме да бидеме дел од решението, но би било сериозен пропуст доколку бидеме оставени да го носиме сами товарот од кризата која ниту сме ја причиниле, ниту можеме да ја разрешиме”, истакна Попоски.
Во врска со одлуките на Советот на ЕУ, според Попоски, за Македонија е значајно да биде земена предвид при финансиската помош која се алоцира за справување со мигрантската криза, но исто толку е важно, рече, да не биде изоставена од политичкото решавање на овие проблеми.
“Поднесена е проценка до Брисел за тоа колку досега ја чини РМ мигрантската криза, проценка која е во милиони”, заклучи министерот за надворешни.

Останати вести