Мијалков не е функционер, а добил дипломатски пасош како експерт неделава?!

Сашо Мијалков, иако повеќе не е државен службеник (откако си поднесе оставка од функцијата директор на Управата за безбедност и контраразузнавање на 12 мај оваа година), на 29 септември добил нов пасош – ДИПЛОМАТСКИ! 

Пасошот е со важност до 28 септември 2020 година, а интересно е дека како функција на носителот на пасошот е наведено – ЕКСПЕРТ!

Единствената функција која ја извршува Мијалков моментно е таа на член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа информација во јавноста ја лиферуваа проопозицики медиуми кои веднаш ја прогласија за сериозен скандал, со барање министерот за надворешни работи веднаш да објасни по која основа е издадена исправата.
„Каков експерт е Мијалков, од која област? И за која државна институција работи како таков?”, праша порталот “Либертас”.
Дипломатски пасош се издава на експерт што државата го испраќа во сопствено ДКП во странство и тоа во исклучителен случај и со ограничен рок на употреба, додека трае престојот на тоа лице во странство. На Мијалков дипломатскиот пасош му трае до 2020 година!
Сашо Мијалков и претходно имал дипломатски пасоши, но бидејќи повеќе не е дел од државниот апарат, прашање е кој потпишал за да му се издаде. И колку случни дипломатски и службени пасоши има издадено во РМ?
Според правилникот на Министерството за надворешни работи, министерот Никола Попоски има дискрециско право да издава дипломатски пасоши за лица за кои смета дека се значајни за унапредување на дипломатски, политички, економски и културни односи со други држави или во случаи кога тоа е од безбедносен интерес за државата. Каде се препознава Мијалков?

Многумина го имаат!

Додека јавноста чека образложение, поранешни и сегашни амбасадори велат дека по прашањето на дипломатски пасоши отсекогаш владеел хаос.
„Правилата често се изигруваат и поради тоа многу лица добиваат посебни исправи. Па и дадилката на децата на една наша амбасадорка, во 2010 година доби дипломатски пасош, исто така како ‘експерт’. Но, не е само тој случај. Дипломатски пасоши добиваат разни тетки и чичковци, најчесто како функционерски „советници” и тоа не е практика само на оваа влада. Го правеле и други. Основа за добивање дипломатски пасоши имаат и бизнисмени, но своевремено и продавач на теписи чиј бизнис не беше поврзан со странство, имаше дипломатски пасош затоа што беше пријател со еден министер”, вели за “Дојче веле” неименуван поранешен македонски амбасадор.
Тој исто така смета дека стравувањето на опозицијата дека дипломатскиот пасош е „виза” за нечие бегство од државата, според одредбите на Виенската конвенција – е беспредметно! Односно дека тоа е само шпекулација.

 

Останати вести