Скопјанецот Миле Хаџиски (42), кој 20 години беше еден од најбараните убијци во Македонија и поранешен припадник на Легијата на странците, по екстрадицијата во РМ побарал пак да му се суди за убиството на Мери Јошевска од пред две децении.
Според Законот секој што е осуден во отсуство може да побара повторување на судењето откако ќе стане достапен за органите за прогон. Хаџиски пред еден месец беше екстрадиран од Франција каде што беше уапсен пред повеќе од две години како припадник на озлогласената банда ограбувачи “Пинк Пантер”.
Од Основен суд Скопје1 и од Обвинителството потврдија дека на Хаџиски повторно ќе му се суди.
Според обвинението, Хаџиски на свиреп начин и од користољубие со умисла ја убил Мери Јошевска (21) на 18 јуни 1993 година. Тој дошол во станот во скопски Аеродром околу 10 часот утрото за да пие кафе. Муабетот набргу прераснал во кавга. Тој најпрвин почнал да ја дави Мери со рацете, а потоа со кристален пепелник ја удрил еднаш по десното рамо и двапати по главата. Потоа со кујнски нож, кој го носел со себе, и задал десетици убоди по целото тело. Тој исто така употребил и нож што го нашол во станот, па продолжил да ја боде. Според наодите на истрагата, убиецот сакал жртвата да страда, што го покажало и вештачењето. Утврдено е дека секој од 40-те убоди сам по себе не бил смртоносен. Жртвата очајнички се бранела, но, за жал, не уапсела да се одбрани. Таа поради внатрешно и надворешно крвавење, кое настанало како резултат на добиените повреди, починала на самото место. По убиството, Хаџиски ги прикривал трагите. Ги миел ножевите и се обидувал да врати се на своето место. Пред да замине зел златен накит и го напуштил станот оставајќи ја Јошевска да искрвави. Истиот ден се обидел да го продаде накитот на Бит-пазар, но не успеал. Вечерта излегол со друштво во кафуле каде што бил и уапсен.
Една година подоцна во тогашниот Окружен суд во Скопје Хаџиски добил 15 години затвор. Тој се жалел на пресудата и поради одредени пропусти во истрагата, предметот беше вратен на повторно судење. Тогашната регулатива не дозволувала притворот да биде подолг од 90 дена, па Хаџиски бил пуштен да се брани од слобода. Тој се појавил на неколку рочишта, но потоа ја напуштил земјата и избегал. Судењето продолжило во негово отсуство по што е осуден на 20 години затвор.
Експертите се поделени во мислењето дали на Хаџиски треба пак да му се суди бидејќи пресудата, односно повторниот процес се одвивал во негово отсуство. Спорно е и времето поминато од неговото апсење до поднесеното барање, кое всушност изминало, па не може пак да му се суди. Од друга страна, ако пак му се суди, не би можел да добие повеќе од 15 години затвор.
Братот на Хаџиски, во изјава за скопски “Дневник” рече дека јавноста не ја знае вистината за убиството на Мери Јошевска и дека Миле избегал без нивно знаење. Во јавноста се шпекулираше дека Хаџиски бил припадник на некоја сатанистичка секта и дека убиството било ритуално изведено. Тоа го заклучиле од наводниот рамностран триаголник, кој личел на познатиот сатанистички чудотворен триаголник, кој бил врежан во дланката на убиената. Дилемата е дали тој бил сам кога се случило убиството бидејќи биле пронајдени крвави папиларни линии кај лифтот во зградата на Јошевска. Тие траги не биле од Хаџиски, а досега не е одговорено кој ги оставил и дали евентуално имал некаква врска со убиството.
И Швајцарија сака да му суди
Не е познато дали Хаџиски во меѓувреме бил осуден во Швајцарија каде што учествувал во грабеж извршен од „пинкпантерите”. Тој беше уапсен првпат во февруари 2012 година во Берн со идентитет на Црногорецот Зоран Томовиќ. Во мај наредната година на спектакуларен начин избегал од затвор во Швајцарија заедно со уште еден припадник на бандата „Пинк Пантер”. Скопјанецот се скрил во Франција, чие државјанство добил откако служел воен рок во француската армија во редовите на Легијата на странците. По неколку месеци бил уапсен по што Швајцарија побара да биде испорачан во нивната земја за да му се суди за грабежот и за бегството од затвор. Судот во Монпелје не застанал во одбрана на својот државјанин, па го одбил швајцарското барање и одлучил Хаџиски да биде екстрадиран во Македонија бидејќи убиството за кое е осуден го извршил пред да добие француско државјанство.