Политичката елита имаше многу време за да затскрие докази, многу проблеми ќе има со судовите, тоа се кажува дека ќе има многу проблеми во собирањето на доказите. Гледаме дека поминаа месеци, а обвинителството сe уште не ги земало предметите. Ќе помине многу време а сигурно нема да имаме сериозни обвинувања.
По истекот на рокот, практично се нуди амнестија на овие дела и мислам дека со тоа, главните играчи и главниот криминал ќе биде де-факто амнестиран.
Најлошо што може да ни се случи е оваа корумпирана елита да ги добие изборите. Дури тогаш ништо добро нема да биде, вели во интервју за порталот “Стандард.мк” Гордан Калајџиев, професор од Правниот факултет во Скопје и претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Калајџиев ги коментира забелешките од извештајот на Европската комисија за Македонија, како и за исходот од политичката криза.
– Се прашувам какви се тие вредности во една држава каде една политичка елита која е затекната во криминал, успева да остане на власт и да добие нови избори? Тоа го можат само или големи диктатори или средини кои стварно немаат сенс за владеење на право и за демократија. Би било подобро кога причината би била во стравот и диктатурата на елитата бидејќи тоа значи дека таа кога ќе падне, има шанса за каква таква демократија. А ако е второто – дека народот не знае – тогаш можеби ние неосновано очекуваме дека Македонија преку ноќ ќе стане модерна европска држава. Објективно, Македонија има куса историја во демократијата, генерално во писменоста, нашите прадедовци веројатно најголем дел биле неписмени, не оделе на опера, немале парламенти и можеби тоа е реалноста што треба да ја согледаме и да се вратиме на некои основи на демократијата, на луѓето да им ги преставуваме тие проблеми, вели Калајџиев.
Новоизбраниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, преку телеграма им ги одзема овластувањата на раководните лица во Министерството. Како гледате на овој прв потег на Спасовски?
-Прво, мислев дека СДСМ ќе заврти нов лист и ќе дадат пример, како што ветија, за тоа како треба да биде, а не само да дојдат на власт и да постават свој министер. Тука не ги исполнија ветувањата ниту пак очекувањата на експертската фела и пошироката јавност, особено не на граѓанскиот сектор. Се очекуваше позитивна активност од СДСМ, да се постават работите на здрави основи и во таа смисла, првиот чекор во МВР требаше да биде независен експерт, или нешто подобро од она што го понудија. Тие практично го направија она што претходно го направи ВМРО-ДПМНЕ, што е за мене неприфатливо во една демократска држава, партискиот секретар да биде министер за внатрешни работи. Тоа е најлошо решение.
Груевски поентира дека е добро што СДСМ поставиле истакнати партиски кадри на министерски позиции, за да не се затскриваат зад божемни експерти, а повторно анонимни членови на социјадемократите. Вака народот, според него, ќе можел да види како работат кадрите на СДСМ….
– Поентата е на место, затоа што поставувањето на министерот е сериозно промашување и лош пример. Надвор од тоа што лично мислам дека и за партијата е исто така несоодветно, главниот од кој се очекува да ја организира партијата за избори на терен, да го напушти местото на сред процес и да се зафати со нешто друго. Промашувањето е поврзано со други внатрешни слабости. Како што изгледа, СДСМ нема на располагање експертски кадри за да се нафатат на одредени функции.
Мислите ли дека Спасовски може да се соочи со опструкции?
– Сигурно ќе има опструкции. Тоа е една организација која што ВМРО ја градеше со години, имаа долго време можност да ги исчистат структурите на сите позначајни места, помалку или повеќе, да постават свои партиски луѓе. Тоа е едно комплетно партизирана и непрофесионална организација, која што не може да се решава со палиативни решенија, со технички министер. Дури и да дојдат СДСМ на власт, ќе им треба сериозна стратегија за тоа како министерството да се стави на здрави основи. Не можете преку ноќ толку луѓе да отпуштите, тоа се сензибилни области, луѓето се под оружје…
Со оглед на сите слабости што ги споменавте, може ли да очекуваме дека министерството на избори нема да биде ВМРО-МВРО, дека нема да се повтори злоупотрба на министерството, кое, како што слушнавме во „бомбите” од разговорите на Гордaна Јанкуловска, било претворено во партиски штаб?
– Со пречки или не, министерот Спасовски ќе има секако увид во добар дел од тоа што се случува во министерството и со таков серозна контрола од внатре веќе нема да може да се случуваат работи како што се случуваа и слушнавме во бомбите дека се случуваат – отворено министерството да биде ставено во функција на една партија. Тоа е доволно како чекор и како обид, само не треба да се преценува.
Очекувањата во јавноста се дека специјалната обвинителка Катица Јанева до избори треба да се зафати барем со некој „крупен” случај, за да се види дека процесот од Пржино не е обична фарса во која меѓународната заедница помага да се реши политичката криза и да има безбедност во државата, додека криминалот и корупцијата за кои се слуша во „бомбите”, ќе бидат амнестирани. Очекувате ли дека Јанева ќе се зафати со „крупни” случаи што ќе бидат процесуирани до избори?
– Од првиот момент кога дознав за идејата за специјален јавен обвинител, знаев дека нема да биде едноставен процесот. Тврдев дека доколку главната идеја е дека основното јавно обвинителство не функционира како што треба, би требало да се направат промени таму. Обвинителството е хиерархиска организација каде најголем дел од обвинителите или грото од ткивото е здраво. Таму на чело се донесени луѓе кои имаат проблем со интегритетот, но немаат проблеми со амбициите и тоа е најлошата раководна структура која во суштина ја кочи целата организација да постапува според законот и дава полоши резултати од тоа што заслужува. Тоа се однесува како на обвинителството, така и на судството. Затоа најдобар чекор беше да се донесат професионалци на овие места. Од кои причини тоа не се направи, не можам да проценам. Со сите слабости на паралелизмот, тоа што требаше да се направи со специјалното јавно обвинителство, се пропушти да се направи. Сосема е јасно дека обвинителот на чело требаше да биде личност со поголем интегритет и поголеми амбиции, не ставате вие за најважните натпревари во фудбалските репрезентации играчи од втора лига кои се непроверени. Мене ми изгледа дека голем компромис направија политичките елити, не разбирам зошто на тоа се нафати меѓународната заедница, но очигледно е дека и чекорите што следеа кажуваа дека компромисот во избoрот на Катица Јанева е некаков пазар. Тоа се потврди и со тимот, кој очигледно е составен од најмалку два тима, па дури и три, ако го гледаме и албанскиот блок.
Што ќе биде мерило за успех на работата на специјалниот обвинител на краток рок?
– Единствената шанса за успех на тимот, бидејќи истиот не може да смета на поддршка кај полицијата и кај државните органи, се два услови: прво да биде сериозен во намерите, второ да биде лојален и компактен, што не е лесно и во делот на обвинителите и во делот на истражителите. Во делот на обвинителите се виде дека е направен „миш-маш” има двоглаво обвинителство, така што тука работите ќе се распаднат многу брзо, затоа што за вакви тешки случаи потребна е голема доверба и конспиративност, а тоа од старт е продадено. Кој е вистинскиот мастер мајнд на целата приказна со специјалното обвинителство не знам, но сигурно не е Катица Јанева. Многумина се надеваат дека ќе биде контролирана од меѓународниот фактор, пред сé од Америкнаците, што е битен предуслов-да постои меѓународна поддршка во отсуство на домашна.
Политичката елита имаше многу време за да затскрие докази, многу проблеми ќе има со судовите, тоа се кажува дека ќе има многу проблеми во собирањето на доказите. Гледаме дека поминаа месеци, а обвинителството сe уште не ги земало предметите. Ќе помине многу време а сигурно нема да имаме сериозни обвинувања бидејќи, според мене, неуставен е рокот за подигање на обвиненија за вакви крупни случаи, обично се продолжуваат роковите. По истекот на рокот, практично се нуди амнестија на овие дела и мислам дека со тоа, главните играчи и главниот криминал ќе биде де-факто амнестиран.
Можеби за да се затскрие нешто ќе одговараат некои поситни риби, како што вика народот, веќе се шпекулира во јавноста дека највисок што ќе одговара би бил можеби Миле Јанакиевски. Јас не сум убеден ни дека толку високо ќе стигнат со одговорноста.
Мислите до избори ќе паднат само „поситни риби”?
– Не до избори, туку во целиот процес. До избори ќе има притисок воопшто да не се постигнат резултати.
Ќе можат ли воопшто материјалите од „бомбите” да се користат како докази откако судот ги отфрли?
– Во повеќе наврати се обидов да објаснам дека начелното решение во нашиот закон поаѓа од тоа дека државата не може да посега по незаконити методи за собирање на докази и ние тоа го сакнкционираме со правилата на исклучување на тие незаконити докази. Меѓутоа, во компаративното право и во меѓународното право постојат исклучоци тогаш кога злоупотребата оносно определена незаконитост доаѓа од трето лице, а не од оние што ја спроведуваат истрагата. И тука имаме спротиставени интереси на интересот на приватноста, наспроти интересот на ефикасно гонење, но немаме потреба да го штитиме интегритетот на системот во мера во која имаме тогаш кога незаконитоста доаѓа од полицијата и од обвинителството кои работат против лицето што е осомничено. Општо прифатено е дека тие докази може да имаат ограничено дејство и да се користат.
Како би можеле да се користат?
– На пример во американската литература и практика, тие докази се користат тогаш кога лицето се испрашува на суд за тестирање на неговата веродостојност. Значи, ако доказот е незаконит, тогаш не се изведува како доказ, но сведокот или обвинетиот кога ќе даде исказ нема право да лаже. Што значи, тоа што државата не може да ги користи како доказ не му дава можност на обвинетиот да се спаси, да ја изигрува правдата и да тврди нешто трето. Ние во Македонија немаме можност да разговараме отворено на јавна дебата за овие прашања, како што не разговараме за тоа каде оди сега целиот систем. Ние тие проблеми ги решаваме под притисок на странците.
(“Стандард.мк”)