Криминални групи успеале со помош на дупка во законот, да исперат до пет милиони долари од продажба на дрога, соопштено е во доверливи материјали на федералните и државните агенции за заштита на законот.
Според новите детали на полициската истрага, синдикатите кои се занимаваат со перење пари, финасиите за дрога ги праќале преку четири големи банки – Вестпак, АНЗ, НАБ и Комонвелт. За криминалните синдикати исто така се сомнева дека се вовлекле и во франшизите на финансиските институции од средна големина. На тој начин полицијата дошла до податоци дека илегални моторџиски групи истражувале добивање франшиза за банка со средна големина, додека огранокот на Банката Квинсленд во сиднејскиот Панчбол бил близок со пари од мексиканскиот картел на дрога, испрани низ нејзините сметки во 2010 година.
Истрагата под името „Фондови со голем ризик”, која ја водела Австралиската компанија за борба против криминалот, во 2012 година го испитувала движењето на готовина за поранешна Југославија и идентификувала дека Бендиго банката е вклучена во овој процес.
Агенцијата Austrac, чија работа е да спречува перење пари, минатиот месец покрена правна постапка против Комонвелт банката за која се вели дека имала увид во големите испораки на пари.
Но, праксата открива јавна тајна за банките и агенциите за заштита на законот: слабата законска регулатива и сомнителна банкарска пракса им овозможува на криминалците да отворат поединечни или компаниски сметки или да вложат пари со минимално потребни или дури лажни документи за идентификација. Исто така и незабележливо да раководат со милиони долари. Официјалните лица во владата велат дека јавноста би била шокирана кога би знаела колкава е количината пари од дрога која вака дневно се пере и како е лесно тие пари да се испратат од Австралија. За тоа Ник Мектагард, кој кај Austrac до неодамна работел како советник вели дека банките и другите финансиски институции ги пропуштаат основните мерки за претпразливост и со тоа ги кршат прописите кои од нив се бараат, за да ги идентификуваат клиентите со кои работат. Проблемот да биде уште поголем помага и тоа што споменатите институции меѓусебно не разменуваат податоци, ниту бараат проверка низ надлежните системи во Федералната влада или полицијата.
„Технологиите како што се електронски транфер на пари исто така претставува голем проблем. Секој криминалец денес може да основа компанија, да стави пари на една сметка, да ги прати во странство и тогаш да се ослободи од компанијата. Никој со месеци нема да праша што е со неа. Владата на Турнбул вети дека ќе ги заоштри прописите за идентификација на директорите на компаниите, како и да ги поттикнува вработените да пријават илегални трансфери. Владата треба да направи многу повеќе за да помогне” – смета Мектагарт.
Еден од драстичните случаи на перење пари доживеа судски епилог во април. Тогаш во Перт на десет години затвор е осуден 30-годишниот Ка Синг Лаи од Хонг Конг, кој е прогласен за виновен што преку сметка во Вестпак и Коменвелт испрал најмалку 29 милиони долари од дрога и ги испратил од Австралија. Неговиот систем бил едноставен и ефикасен. Тој на десетина сметки во Вестпак и Комонвелт дневно ставал до $500,000 од дилери на дрога.
Сметките ги отварале компании регистирани во Австралија, чии сопственици биле од Хонг Конг. Комонвелт банката е особено на удар на законот поради тоа што во овој или други случаи се испоставило дека системот на ставање парични депозити во банка преку автомати за чекови и готовина бил без соодветна контрола. Криминалците ја откриле оваа „дупка” и ја користеле за своите трансакции. Додека не е уапсен во 2015 година, Лаи направил 163 такви трансакции. Осум месеци подоцна, е утврдено дека се вратил на истата работа. За тоа се дознало така што друг државјанин на Хонг Конг, Ши Минг То, во НЈВ го сопрела сообраќајна полиција. При претресот на возилото полицијата во багажникот пронашла $550,000 во кеш.
Се открило дека тој бил шофер на Ка Синг Лаи. Тогаш министерот за правда Мајкл Кинен објави дека ова бил силен удар на организираниот криминал. Но, еден искусен полицаец го опишал апсењето на Лаи како „пирова победа”, затоа што неговиот пример покажува колку е лесно да се исперат пари и да се избегне контролата во банка.
На новинарско прашање – Националната банка вели дека и покрај обемните напори да се спречи перењето пари „луѓето со лоши намери се обидуваат да направат криминално дело”. Претставникот на Вестпак вели дека банката сериозно вложува во „проверка на идентитетот на своите клиенти, ја зголемува активноста на следење на клиентите, известување за сомнителни трансакции и укинување на работата со клиентот кога ќе се утврди неправилност”. Претставниците на Бендиго банката велат дека франшизата која праќа пари во поранешна Југославија била „надгледувана според правилата и е одговорено на сите прашања за кои законот бара од нив да ги постават”. Банката Квинсленд одбила да ги коментира наводите за делување на своите, сега веќе затворени филијали во Панчбол. АНЗ банката соопштила дека контолата на перење пари донела резултати.