Најмалку 1,4 милиони Каталонци ги исполниле улиците на Барселона, барајќи отцепување од Шпанија, поддржувајќи ги заговорниците за независност на Каталонија, кои ја почнале кампањата пред регионалните парламентарни избори закажани за 27 септември, кои сепаратистички расположените сили ги сметаат за „референдумски”, јавуваат агенциите.
Митингот под паролата „Порта кон Каталонската Република – да почнеме да ја градиме новата земја”(Via Lliure cap a la República Catalana) бил одржан на Националниот ден на Каталонија, кој се одбележува во знак на сеќавање на настаните од почетокот на септември 1714 година, кога Барселона по долга опсада на војската на династијата Бурбон во последната битка од Војната за шпанското наследство паднала, а Каталонија влегла во составот на Шпанија.
Во случај на победа на регионалните избори и добивање апсолутно мнозинство во парламентот, коалицијата Заедно за да (Junts per Si) и партијата Кандидатура на народното единство, ветуваат дека ќе го почнат процесот на одвојување – ќе формираат државни институции, ќе напишат устав, ќе го усвојат на референдум и ќе прогласат независност.
Според најновите резултати од анкетите на јавното мислење, сепаратистичките сили ќе ги освојат неопходните 68 мандати за апсолутно мнозинство во парламентот од 135 места, но притоа на изборите за нив ќе гласаат помалку од половина од жителите на Каталонија.
Сепаратистите најавуваат дека до 2017 година парламентот би можел еднострано да прогласи независност на индустриски развиениот регион на североистокот на Шпанија, во кој живеат 7,5 милиони луѓе и кој во шпанското стопанство учествува со околу 18 отсто.
Централната влада на Шпанија упорно истакнува дека независноста на тој регион е спротивна на уставот.