Врховниот суд на Австралија одлучи дека жител на Мелбурн, Милорад Тркуља има право да го тужи Гугл за клевета затоа што негова фотографија се појавува кога некој пребарува на Интернет за криминалното подземје на Мелбурн.
Тркуља рече дека ќе ја продолжи борбата против Гугл се додека неговото име и фотографија не се отстранат од Интернет.
Тркуља во 2004 година е погоден со куршум во грб во мелбурнски ресторан, а во 2012 година добил позитивна пресуда од Врховниот суд на Викторија дека Гугл го дефамирал кога со објава на негова фотографија го поврзале со криминалното мелбурнско подземје.
Суд за апелација на Викторија, четири години подоцна ја поништи оваа одлука затоа што утврдиле дека е невозможно успешно да се докаже дефамацијата.
Врховниот суд во средата ја оспори таа одлука и му нареди на Гугл да му ги плати судските трошоци на Тркуља.
Тркуља рече дека ќе го тужи Гугл се додека не го добие тоа што го сака.
„Ќе ги тужам се додека не престанат. Сакам да ги блокираат моите фотографии. Не сум криминалец, никогаш не сум бил вклучен во такви работи и се ќе направам за тие луѓе да не го унишат моето семејство – имам внуци” – рече тој.
Неговиот адвокат Гај Рејнолдс во март пред Врховниот суд на Австралија изјави дека на неговиот клиент му пречи што при секое пребарување на Гугл кое ги вклучува зборовите „Melbourne criminal underworld photos” ја прикажува неговата фотографија веднаш покрај криминалиците Mick Gattо, Carl Williams, Chopper Reid, Marija Condella како и Mark и Jason Morana. Адвокатите на Гугл пред Врховниот суд велат дека е „ирационално” да се тврди дека сите фотографии кои се добиваат при пребарување на зборовите „Melbourne criminal underworld photos” исклучиво прикажуваат криминалци. Истото пребарување може да резултира и со приказ на логото на Гугл, фотографии на жрвите на криминал како и фотографии на актерот Марлон Брандо.
Претседателката на Врховниот суд на Австралија, Susan Keifel, рече дека судот едногласно одлучил дека лицата кои ги пребаруваат зборовите „Melbourne criminal underworld photos” можат „рационално” да заклучат дека барем некои од лицата кои се појавуваат при такво пребарување се дел од криминалното подземје. Судот тече дека е јасно оти некои лица како Брандо не се припадници на криминалното подземје, но може да се заклучи дека некој непознат како што е Тркуља е член на криминалното подземје.
Тркуља исто така тврди дека Гугл го нарушува неговиот углед преку опцијата „автоматско завршување” (eng. „autocomplete”) кога се пребарува неговото име, затоа што покрај неговото име се нудат поимите како што се „криминалец”, „подземје” и „поранешен убиец”. Гугл меѓутоа рече дека „автоматското завршување” е автоматска фунцкија чии резултати влијаат на претходните пребарувања. Гугл не ја коментираше одлуката на Врховниот суд.