Поранешниот американски амбасадор во Србија, Вилијам Монтгомери, оцени дека во моментот работите во Косово и за косовското прашање се движат во опасна насока.
„Се надевам дека грешам, но јас сум крајно песимистичен во врска со ситуацијата за Косово”, вели Монтгомери за агенцијата „Танјуг” и објаснува:
„Сегашната позиција на косовското раководство е дека Декларацијата за независност променила сè и дека новото Косово може да парви сè што можат и другите независни држави”.
Тоа значи игнорирање на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, воведување такси од 100 отсто за српските производи и непочитување на Уставот, кој, вели Монтгомери, е напишан од страна на Американците, а Албанците го промениле за да овозможат формирање армија.
Покрај тоа, Монтгомери забележува дека Европската Унија нема моќ или волја да инсистира на имплементација на бриселскиот договор вклучувајќи го и ветувањето за формирање заедница на српски општини.
„Албанците открија дека тие не мора да се држат до ветувања и да бидат искрени кон ЕУ”, додава тој.
Американскиот дипломат истакнал дека особено е разочаран од тоа што САД го промениле својот долгогодишен став дека нема да се формира косовска армија.