Познатата швајцарска спортска двојка, Роџер и Мирка Федерер, навршуваат 15 години од својата врска, која ја почнаа за време на Олимписките игри во Сиднеј. Тогаш Роџер Федерер во полуфиналето беше поразен од Германецот Томи Хас, а подоцна остана и без бронзениот медал.
Сепак, тие игри ќе ги памети по нешто друго, а тоа е почнувањето на љубовната приказна со неговата сегашна сопруга, Мирослава – Мирка Вавринец. Таа, исто така, беше тенисерка и учествуваше на олимпискиот турнир, но испадна веќе во второто коло.
Иако тие двајцата се запознале во 1997 година за време на еден турнир во Швајцарија, до Сиднеј не се дружеле. А, тогаш Роџер го направил првиот чекор.
– Роџер за време на олимпискиот турнир во Сиднеј се трудеше што почесто да биде во моја близина. Не знаев зошто се вртка околу мене и зошто толку често сака да зборува со мене. Тогаш, на крајот на турнирот, тој ме бакна – ги раскажа Мирка деталите од почетокот на нивната врска.
Роџер не бил тип на маж што сака да ги менува жените. Според изворите блиски на играчот, тој претходно имал само една врска, имал многу потешкотии да излезе од истата, а со девојката во меѓувреме и се свршил.
Роџер и Мирка по девет години забавување се венчаа пред шест години во април, а потоа се родија првите близнаци, ќерките Мила и Шарлин во август истата година, а на 6 мај 2014 година добија и втора двојка близнаци, браќата Лео и Лени.
Мирка и Роџер се една од ретките спортски двојки за чиј приватен живот малку се знае, а уште помалку има скандали. Една од причините е и тоа што тие двајца се секогаш заедно.
– Мирка не сака да остане далеку од мене, а јас, исто така, не сакам да сум оддалечен премногу од неа. Годишно не сме заедно можеби една или две недели. Неверојатно е тоа колку таа се жртвува секогаш да биде до мене. Без неа, сe е покомплицирано – рече Федерер.