Политичката ситуација во Република Македонија несомнено налага граѓаните своето легитимно право на протест и организирано собирање да го искористат посветувајќи посебно внимание на пораката и начинот на кој што сакаат да ја проследат.
Во овие моменти, Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) повикува на сериозност, одговорност, целосна внимателност и посветеност за беспрекорно организирање на протести и демонстративни собири.
Во отсуство на јавен повик од Претседателот и апсолутните лидери на четирите политички партии, ОМД ги повикува граѓаните да го запазат граѓанскиот концепт на организирање на мирен собир и изразување на протест.
Притоа, ги повикуваме и бараме сите организатори на протести и собири да се воздржат од говор на омраза, реторика и активност која се обидува да ја наруши уставноста, унитарноста, како и јавниот ред и мир на Македонија.
Етнички реторики и поделби во овој момент, можат единствено да им наштетат на меѓуетничките односи и може да доведе до несогледливи последици по одредени етникуми.
ОМД користејќи ја својата мрежа и ресурси ќе продолжи интензивно да ги следи активностите и настаните во татковината и соодветно и одлучно ќе реагира, делегитимирајќи секаков обид за нарушување и наштетување на интегритетот и унитарноста на државата.