ФИЈАСКО НА МИРОВНИТЕ ПРЕГОВОРИ НА ОН ЗА СИРИЈА:
Продолжувањето на мировните договори за Сирија по две години е „тотален неуспех”, изјави западен дипломат по соопштението на ОН дека преговорите почнуваат и покрај тоа што на нив се појавила само едната страна.
Претставникот на ОН за Сирија Стафан Мистура ги повика и власта и опозицијата на разговори во Женева, каде со нив требаше да се сретне во посебни простории.
Но, опозицискиот Висок преговарачки совет (ХНЦ) тоа досега го одбиваше, инсистирајќи првин да престанат воздушните напади и опсадата на градовите.
Со тоа опозицијата се спротивстави на повиците на Вашингтон да ја „искористи историската шанса” и да се согласи на преговори без услови. Мистура ги почна преговорите со средба со делегацијата на сириската влада, предводена од сирискиот амбасадор во ОН Башар ал Џафари.
Средбите со „останатите учесници” ќе се одржат „дополнително”, се вели во соопштението на ОН во кое не се наведени детали.
„Целосен неуспех”, изјави неименуваниот западен дипломат опишувајќи ги преговорите како ветар во грб за сирискиот претседател Башар Ал Асад.
„Со кого ќе преговара? Ако сакате преговори мора да имате партнер. Ова е одлична прилика која режимот ја искористи за да покаже дека има добра волја”.
„Дури и ако претставници на опозицијата дојдат на преговорите, ќе ви кажат дека доаѓаат во свое лично име”, изјави дипломатот.
Курдите исклучени од преговорите на инсистирање на Турција
ХНЦ со седише во Саудиска Арабија соопшти дека нема да замине за Женева туку дека ќе ги продолжи разговорите во Ријад за да донесе конечна одлука за учеството во мировните преговори на ОН.
Клучни членови на опозиција го условија своето учество во преговорите со исполнување на одредени услови, меѓу кои сопирање на бомбардирањата и блокадите во Сирија.
„Ние не одиме на преговорите бидејќи не го прифативме дневниот ред. Претходно кажавме дека не сакаме никаква улога на (сирискиот претседател) Башар Ал Асад во иднината на Сирија”, изјави лидерот на одборот на ХНЦ Ријад Хиџаб за Ал арабија.
Другиот клучен опозициски фактор, Курдите, кои контролираат поголем дел од североистокот на Сирија и се докажаа во борбата против Исламска држава на терен, се исклучени од преговорите на барање на Турција. Курдите тврдат дека без нивно присуство преговорите се осудени на пропаст.