Мишел Темер: Неопходно е да се обнови мирот и да се обедини Бразил

Привремениот претседател на Бразил, Мишел Темер и се обрати на нацијата откако Сенатот ја суспендира претседателката Дилма Русеф поради истрагата за местењата на државниот буџет, пренесува Би-би-си.

Темер беше потпретседател на државата пред во март да ја повлече својата поддршка за Русев, која го обвини за учество во „државен удар”, а сега ја презеде претседателската функција на 180 дена, максималното дозволено време за судење за импичментот на Русеф.
– Верувајте во вредноста на нашиот народ и во нашата способност да изградиме економија. Неопходно е да се обнови мирот и да се обедини Бразил. Мора да формираме влада што ќе ја спаси нацијата – изјави Темер.
Тој најави дека економската виталност ќе му биде клучна задача.
– Мора да го обновиме кредибилитетот на земјата дома и да привлечеме странски инвестиции. Ајде да престанеме да зборуваме за кризата и наместо тоа да почнеме да работиме- рече Темер, истакнувајќи дека Бразил е сепак сиромашна нација и дека ќе ги штити и ќе ги прошири социјалните програми. Русеф, пак, првата жена-претседател на Бразил, ја напушти функцијата со борбен говор и обвинение дека отстранувањето нејзино со гласање во двата дома на парламентот претставува државен удар.
– Можеби сум згрешила, но не сум извршила злосторство. Никогаш не сум замислувала дека повторно ќе треба да се борам со пуч во нашата земја – рече таа, набргу откако напиша на својот профил на „Фејсбук” со големи букви „ОВА Е ДРЖАВЕН УДАР!”
Бразилските сенатори гласаа со 55 гласа „за” и 22 „против” за нејзиното отповикување, со што таа автоматски беше суспендирана од функцијата.
– Не е во игра само мојот мандат, туку и почитувањето на волјата на граѓаните на изборите, суверенитетот на бразилскиот народ и на Уставот. За мене гласаа 54 милиони Бразилци. Никогаш не сум зела поткуп; напротив, се борев против корупцијата, а откако ме избраа, дел од опозицијата никогаш не го прифати тоа, отворено заговараа против мене, ме саботираа и создадоа атмосфера на постојана нестабилност – рече Русеф, и по говорот ја напушти претседателската палата Планалту. Речиси веднаш Темер положи заклетва како шеф на државата и го претстави составот на својата влада, во која 100 отсто се мажи и 100 отсто се белци. Ако специјалната комисија утврди дека Русеф е виновна за манипулација со податоци за буџетот за да освои поддршка за изборите и намерно одлагање на плаќањата кон банки, Темер ќе има право да ја води земјата до претседателските избори во 2018 година. Но тој и самиот е предмет на 11 проверки и истраги, вклучувајќи и за корупција, и не е сигурно дека ќе успее да се задржи на функцијата.

Останати вести