Минатиов вторник Владиката Дебарско-кичевски, Плаошко-струшки и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј заедно со црковната делегација од Р. Македонија пристигна во Австралија во доцните вечерни часови, слетувајќи на Сиднејскиот аеродром, каде свечено беше пречекан од неговите духовни чеда, кои во голем број дојдоа да му посакаат топло добредојде и пријатен престој во Австралија.
Освен свештенството од Сиднејското архиерејско намесништво и членовите на Епархискиот управен одбор, и многу верници од Австралиско-сиднејската епархија му посакаа топло добредојде и успешна канонска визитација на својот надлежен Архиереј г. Тимотеј и на останатите членови на делегацијата.
Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор на Австралиско – сиднејската епархија г. Тимотеј, во придружба на протојереј-ставрофор Димче Ѓорѓиески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, при оваа трета канонска визитација ќе престојуваат на Австралискиот континент од 27.03.2018 до 22.04.2018.
Митрополитот г. Тимотеј заедно со придружниците и парохиските свештеници ќе отслужи свети архиерејски литургии во храмовите, кои што се под негова надлежност и ќе се сретне со некои од Црковните одбори.
Во рамките на програмата, Митрополитот г. Тимотеј ќе одржи редовен состанок на Епархискиот управен одбор (ЕУО) и редовно Епархиско собрание со членовите на Епархискиот управен одбор и делегатите на Црковните општини.
Доаѓањето на Митрополитот Тимотеј во канонска визитација на Австралиско-сиднејската Епархија се совпаѓа со 40 годишнината од осветувањето на МПЦ “Св Петка” на 19 фебруари 1978 година од првиот поглавар на Афтокефалната МПЦ, Блаженоупокоениот г.г. Доситеј, и првиот надлежен Митрополит на тогашната Американско-канадска и Австралиска епархија на МПЦ.