Своевиден синодски референдум во однос на владиката Петар се случува во рамките на МПЦ преку прифаќањето на игуменот Гаврил од Австралија, кој дојде во судир со овој администратор на Австралијанско-новозеландската епархија.
Дури шестмина владици веќе отворено се спротивставија на односот на митрополитот Петар кон овој монах со кој дојде во судир откако игуменот се спротивстави на плановите манастирот „Свети Прохор Пчињски” во Донибрук, Австралија, да стане и старски дом.
Брегалничкиот владика Иларион, кумановско-осоговскиот Јосиф, тетовско-осоговскиот Јосиф се само последни во низата достоинственици кои деновиве одржаа заеднички литургии со игуменот Гаврил. Со тоа тие им се придружија на струмичкиот митрополит Наум, на европскиот Пимен и дебарско-кичевскиот Тимотеј кои веднаш искажаа јавна поддршка на монахот на кој му се заканува расчинување од страна на нашите надлежни црковни органи во Австралија.
До давањето на поддршката доаѓа кусо време по настапот на владиката Петар против неколкумина владици, а кои ги обвини дека работат против него со цел да го сменат архиепископот Стефан. Истовремено, Синодот наскоро треба да решава околу регистрирањето на новата епархија на МПЦ во Австралија, а што веќе подолго време се одлага и заради отпорот на владиката Петар.
Со заедничките литургии со игуменот Гаврил владиците како да сакаат да му порачаат на овој митрополит дека не се согласуваат со неговиот однос и намерите, туку дека е дојдено време таму да се средуваат состојбите. Kумановско-осоговскиот владика Јосиф ни рече дека ова е првенствено порака против лицемерството во црквата.
– Сослужувањето со игуменот Гаврил не е никаква порака упатена кон некого туку одраз на единството за кое се залагаме и кое треба да го има во црквата. Зашто ако ние во Црквата не сме единствени, лицемерно е да бараме единство меѓу луѓето. Проблемите во Австралија не се нови но има големи шанси да се решат. И за кавга и за решение треба да има некој од другата страна. Таму, решението е во заемните отстапки и изнаоѓањето на црковно- канонски алтернативи за сите спорни прашања. Не треба да има победници или губитници – ни рече овој владика кој му припаѓа на младото крило во синодските редови.
Синодскиот портпарол владиката Тимотеј ни рече дека се надева дека наскоро ќе бидат усвоени документите со кои ќе се легализира постоењето на новата епархија во Австралија. Со тоа, ќе се изврши разграничување на црковните општини што го поддржуваат и што не го поддржуваат владиката Петар. Сè уште е неизвесно дали по ова владиката Петар и натаму ќе остане администратор на Австралиско-новозеландската епархија, со оглед на тоа дека мнозинството владици не го одобруваат неговото однесување и начинот на кој тој сака да ги решава проблемите таму.
ДИСТАНЦИРАЊЕ НА АРХИЕПИСКОПОТ
Интересно е да се каже дека игуменот Гаврил го примаат владиците што се под влијание на архиепископот г.г Стефан, иако тој сè уште не служел во Скопската епархија.
Ова се случува и покрај обвинувањата на митрополитот Петар дека струмичкиот владика Наум сака да го преземе архиепископскиот трон од г.г Стефан. Тоа на свој начин укажува и на дистанцирање на архиепископот од ставовите на овој владика, кој му беше главен ривал во трката за поглавар и кој обвинуваше дека изборот бил нелегален.
Бранко Ѓорѓевски