Заврши „војната“ помеѓу Mакедонија и Kосово

Според министерот Пешевски, најголеми загуби претрпеле бизнисмените-Албанци од Македонија, кои се најголемите извозници на Косово.

Македонија и Косово ја завршија трговската „војна”, која траеше 9 дена, откако во саботата на полноќ косовските власти го укинаа ембаргото на македонските производи. Истовремено престанаа да важат контрамерките од македонска страна. Исто така и превозниците на “Макамтранс” го деблокираа граничните премини Јажинце и Блаце.

Остана неразјаснето зошто Косово ја започна оваа трговска “војна”, бидејќи министерката за трговија и траспорт Мимоза Кусари Лила не успеа да објасни која беше потребата за ваквите тензии. Обрзложението на Приштина беше дека ембаргото за македонски производи (прво делимно а потоа и целосно, откако Скопје реагираше со воведување такса за влез во Македонија) било “изнудено” поради мерките на македонската Влада за условен увоз на брашно и пченица.

Македонскиот вицепремиер Владимир Пешевски вака го објаснува текот на настаните.

– Косово во Македонија извезува брашно (никако пченица) во вредност од околу 500 илјади евра годишно. Тоа е околу 3-4 % од целокупниот увоз на брашно во РМ (преку 90% се увезуваат од Србија). Македонската Влада одлуката за условен увоз на пченица и брашно ја воведе пред 2,5 месеца, и за тоа ги извести сите членки на ЦЕФТА. И покрај сите реакции кои доаѓаа од Србија таа земја не воведе никакво ембарго кон Македонија. На 3 септември објавивме дека се укинува условниот увоз на брашното, а дека на 15 септември ќе престане да важи и условот за увоз на пченица. Одеднаш, на 4 септември Косово реши да воведе делумно ембарго за македонските произоди. На седница на Владата рзгледувавме повеќе реципрочни мерки, вклучувајќи го и воведувањето визи за косовските граѓани, но се решивме за една далеку поблага контрамерка – воведување такса за влез во РМ. Во одлуката на Владата ставивме дека та мерка ќе трае се до моментот до кој косовската страна ќе го прекине ембаргото. Практично од наша страна ја повикавме Приштина веднаш да реагира и да ја крене рампата. Но, тоа не се случи. Напротив, косовската Влада стави целосно ембарго на секаков увоз од Македонија. Овие денови се обидувавме да најдеме дијалог со косовските власти, но очигледно немавме соговорници од нивна страна, изјави Пешевски.

Косовското ембарго покажа дека овој северен сосед е исклучително поврзан и зависен од Македонија – како за производи така и за услуги. Се покажа дека косовските граѓани наголемо ги користат македонските здравствени услуги.

Се проценува дека штетата од ембаргото на двете страни е речиси 50 милиона евра.

Според министерот Пешевски, најголеми загуби претрпеле бизнисмените-Албанци од Македонија, кои се најголемите извозници на Косово. Косово е една од ретките соседни држави со кои Македонија остварува суфицит. Само во периодот јануари-јули годинава нашите компании на Косово извезле производи во вредност од 159 милиони долари. Според податоците на Државниот завод за статистика лани на Косово се извезле производи во вредност од околу 392 милиони долари, а се увезле стоки во вредност од околу 28 милиони долари.

 

Останати вести